Цените на нафтата надминаа 91 долар, трговците стравуваат за испораките од Блискиот исток

Цените на нафтата надминаа 91 долар во средата, бидејќи инвеститорите се загрижени за зголемените тензии на Блискиот исток по нападот на болница во блокираната палестинска енклава Појасот Газа и повикот на Иран за ембарго на нафта кон Израел.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 1,33 долари од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 91,23 долари. Речиси за истиот износ поскапе и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 87,94 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC0 објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки во вторникот паднал за 58 центи на 92,65 долари за барел.

Пазарите во цената ја вклучија и премијата за ризик поради конфликтот меѓу Израел и палестинското радикално движење Хамас, кој се интензивираше во вторникот со напад врз болница во блокираната палестинска енклава Појасот Газа и смртта на речиси 500 луѓе. Нападот предизвика бран протести во арапските земји, Иран и Турција.

Јордан го откажа самитот каде што требаше да биде домаќин на американскиот претседател Џо Бајден и египетските и палестинските лидери. Бајден отпатува во Израел во средата и изрази солидарност со Тел Авив, укажувајќи дека тој е склон да го прифати тврдењето на Израел дека експлозијата во болницата била предизвикана од милитантите.

„Дипломатското ‘тркало на среќата’ ги поттикнува стравувањата од поширок конфликт, па цените на нафтата пораснаа“, вели Џон Еванс од PVM.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан ги повика членките на Организацијата за исламска соработка во саудиска Џеда да воведат ембарго на нафта кон Израел.

Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници не планираат веднаш да одговорат на поканата на Иран, изјавиле за Reuters два изворa од OPEC+.

„Се чини дека е изгледно сценариото за долготрајна окупација што ќе ги поттикне цените на барелот во Лондон над 100 долари поради зголемениот ризик од проширување на конфликтот меѓу Израел и Хамас и можното директно вклучување на Иран“, објаснува Вивек Дар од „Commonwealth Bank of Australia“.

Цените на нафтата беа поддржани и од падот на залихите во САД минатата седмица, за дури 4,4 милиони барели, според пазарни извори, повикувајќи се на податоци од Американскиот институт за нафта (API) во вторникот. Владата ќе ги објави податоците подоцна во текот на средата.

Истовремено, инвеститорите беа охрабрени од знаците за закрепнување на кинеската економија во третиот квартал, со стапка на раст од 1,3 отсто во однос на претходните три месеца кога беше зголемена за 0,5 отсто.

Податоците, исто така, покажаа дека рафинирањето на нафтата пораснале за рекордни 12 отсто во септември во однос на истиот месец минатата година, бидејќи рафинериите ја достигнаа силната побарувачка на гориво за празникот Златна седмица и ја подобрија индустриската активност.