Цените на нафтата околу 83 долари, фокусот на податоците за инфлацијата

Цените на нафтата зајакнаа во понеделникот на меѓународните пазари, откако загубија околу еден долар во претходниот трговски ден, поради индициите дека високите каматни стапки во САД веројатно ќе останат високи подолго време.

Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 21 цент на 83 долари во во раното ппопладневно тргување. На американскиот пазар со барел се тргува за 27 центи поскапо, по цена од 78,53 долари.

Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) денеска соопшти дека барелот на нафтената кошничка на нејзините членки во петокот останал речиси непроменет во однос на претходниот трговски ден, на 84,29 долари.

Додека цените минатата седмица беа поддржани од неколку фактори, вклучително и немањето напредок во последната рунда преговори за ставање крај на израелската офанзивата во Појасот Газа, економските фактори повторно се во центарот на вниманието. Аналитичарите очекуваат американската централна банка да ја задржи референтната каматна стапка подолго време, поддржувајќи го доларот и поскапувајќи ја нафтата која се изразува во долари за купувачите кои поседуваат други валути.

Меѓутоа, во меѓувреме, кинеските податоци покажаа дека потрошувачките цени се зголемиле трет месец со ред, додека цените на производителите продолжиле да паѓаат, што сигнализира подобрување на домашната побарувачка.

Натамошната поддршка доаѓа од очекувањата дека OPEC и нејзините сојузници големи независни извозници предводени од Русија, колективно познати како OPEC+, ќе го продолжат намалувањето на снабдувањето во втората половина од годината.

Ирак, вториот по големина производител на OPEC, е посветен на доброволно намалување на производството на нафта договорено од групата производители, изјави неговиот министер за нафта за државната новинска агенција во неделата. Коментарите уследија по сугестијата на министерот во саботата дека Ирак направил доволно доброволни намалувања и дека нема да се согласи со какви било дополнителни намалувања предложени од пошироката група OPEC+ на состанокот во јуни.

Од OPEC+ претходно го прозваa Ирак дека произведувал повеќе од неговата производствена квота во првите три месеца од 2024 година. Багдад се согласи да компензира со дополнителни намалувања на производството за остатокот од годината, објави картелот.