Цените на нафтатa паднаа близу 86 долари, фокусот повторно на трошоците за задолжувањето

Цената на нафтата падна на околу 86 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи загриженоста за побарувачката во услови на високи трошоци за задолжување ги надмина стравувањата дека тензиите на Блискиот исток може да ја загрозат понудата.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше пониска за 1,13 долари во однос на затворањето на трговијата минатиот петок и изнесуваше 86,16 долари. На американскиот пазар со барелот за испорака во мај се тргуваше за 84 центи пониско, по 82,30 долари. Поактивно се тргуваше со барел за испорака во јуни, по пониска цена од 1,18 долари, 81,04 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета во петокот на 87,52 долари.

Минатиот петок, инвеститорите беа смирени од пораките од Иран по инцидентот со беспилотни летала во областа Исфахан, намалувајќи ги стравувањата од ескалација на израелско-иранскиот конфликт.

Иран го минимизираше инцидентот и посочи дека не планира да реагира. Пазарите стравуваат од ескалација откако Техеран извршпи одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск во кој загинаа неколку високи ирански воени претставници и конзуларни претставници.

Иран пред десет дена испрати стотици беспилотни летала и проектили во Израел, кои главно беа соборени од системите за противвоздушна одбрана на Израел и неговите сојузници. Израел не пријави настрадани и ја минимизира како „само ограничена штетата“, но Тел Авив сигнализираше дека планира одговор, и покрај предупредувањето на САД дека нема да ги поддржи нивните офанзивни акции.

Трговците обично не вклучуваат премија за геополитички ризик во цените на нафтата доколку пристигнуваат пратките, објасни Џовани Стауново од банката UBS, истакнувајќи дека секоја намалена понуда може да биде компензирана од други производители.

„Реакцијата на пазарот ја потврдува претпоставката дека треба да очекуваме раст на цените на подолг временски период само во случај на долгорочни проблеми во Ормутскиот теснец, односно во случај на директно вклучување на Саудиска Арабија во конфликтот“, истакна Тамаш Варга од PVM.

Во такви услови, вниманието повторно беше насочено кон инфлацијата по изјавите на функционерите на американската централна банка и низа показатели кои ги намалија очекувањата за претстојното намалување на каматните стапки во САД минатата недела. Повисоките трошоци за задолжување би можеле да ја забават економијата и побарувачката за енергија, а независната пазарна аналитичарка Тина Тенг го издвојува посилниот долар како намалување на куповната моќ на купувачите со други валути.