
Цените на нафтата паднаа во вторник на меѓународните пазари до 79 долари, откако новиот американски претседател Доналд Трамп го истакна енергетскиот сектор меѓу неговите приоритети во својот инаугуративен говор, велејќи дека САД треба да произведуваат и извезуваат повеќе нафта.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 92 центи пониска од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 79,23 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по цена за 64 центи пониска во однос на затворањето на пазарот на крајот на минатата недела, по цена од 78,04 долари. Американските пазари вчера беа затворени поради одмор.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барел од референтната кошничка нафта на нејзините членки во понеделникот поевтиник за 94 центи на 82,17 долари.
Трговците ги проучуваа пораките на новиот американски претседател Доналд Трамп на почетокот на неделата. Според плановите на Трамп, САД треба да произведуваат и извезуваат уште повеќе нафта и гас. „Ќе дупчиме, душо, ќе дупчиме“, го повтори републиканскиот слоган од изборната кампања во 2008 година. Во моментов, американското производство е извор на обилна понуда на светските пазари.
Трговците беа фокусирани и на неговите најави за царини за Канада и Мексико. Трамп вети дека ќе ги претстави на првиот ден од неговиот мандат, но во понеделникот рече дека може да ги претстави на 1-ви февруари. Не даде никаква извршна уредба за нови сеопфатни трговски мерки веднаш по неговата инаугурација, но ѝ наложи на администрацијата да отвори истрага за нефер трговски практики од други земји.
„Најавите на Трамп за царини за Мексико и Канада го поддржаа доларот, што пак ја намали побарувачката за нафта бидејќи купувачите со други валути мораа да копаат подлабоко во нивните џебови“, објаснува Тамаш Варга од PVM.
Трамп, исто така, рече дека сака да ги надополни американските стратешки нафтени резерви, што за возврат може да ја зголеми побарувачката за американска нафта, забележува Reuters.
Цените беа задржани во вторникот и со пораката на јеменското бунтовничко движење Ансар Алах дека ќе ги ублажи нападите врз трговските бродови поврзани со Израел во Црвеното Море доколку договорот за прекин на огнот во палестинскиот Појас Газа биде целосно спроведен.
„Отворањето на Суецкиот канал ќе обезбеди изобилство снабдување на краток рок бидејќи бродските патувања ќе бидат скратени, што би значело пониски цени на краток рок“, објасни Оле Хансен од „Saxo Bank“.
Бродовите моментално поради активностите на Ансар Алах ги заобиколуваат Црвеното Море и Суецкиот канал и патуваат со илјадници милји подалеку околу ‘Ртот на добрата надеж, на крајниот југ на Африка.