Цените на нафтата паднаа по 85 долари

Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари под нивото од 85 долари во средата, откако Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ги потврди прогнозите за солиден раст на побарувачката, туркајќи го во втор план нормализацијата на американското производство по ураганот Берил.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на трговувањето и изнесуваше 84,55 долари. Вчера ја затвори трговијата со загуба од 1,09 долари. Позначителни промени денеска немаше ниту на американскиот пазар каде што со барелот се тргуваше по 81,34 долари. Вчера тргувањето го заврши со загуба од 92 центи.

Засебно, OPEC објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот поевтинил за 76 центи на 85,91 долари.

Пазарите ја започнаа седмицата внимателно испитувајќи ги ефектите од ураганот Берил врз нафтената инфраструктура во Мексиканскиот залив и во Тексас, кој произведува 40 отсто од американската нафта. Компаниите за нафта и гас почнаа да го обновуваат производството во вторникот, нафтените пристаништа постепено се отвораат и се чини дека Берил не предизвикал голема штета на енергетската индустрија во Тексас, велат аналитичарите. Оштетени се само некои згради, а снабдувањето со електрична енергија сѐ уште не е целосно обновено, додаваат оттаму.

Во средата вниманието на трговците беше окупирано од прогнозите на OPEC за побарувачка за оваа и следната година. Во својот месечен извештај, групацијата објави дека очекува раст на побарувачката за 2,25 милиони барели дневно оваа година и за 1,85 милиони барели дневно во 2025 година, потврдувајќи ги сегашните проценки коишто, според аналитичарите, сигнализираат оптимизам.

Показателите од американскиот пазар укажуваат на солидна побарувачка во летната сезона на патувања, според падот на залихите на нафта минатата седмица за 1,92 милиони барели, според пазарни извори кои добиле увид во извештајот на здружението на производители на API. Залихите на бензин исто така се намалени за 2,95 милиони барели, според извори. Министерството за енергетика подоцна во текот на денот ќе објави официјални податоци.

Трговците сѐ уште се загрижени за кинеската побарувачка, бидејќи стагнацијата на цените во јуни, според пресметките на заводот за статистика, доведува до заклучок дека економската активност е сè уште воздржана. Производните цени се за 0,8 отсто пониски во однос на јуни лани.

Британски BP во своите годишни прогнози пресметал дека побарувачката на нафта треба да го достигне својот врв во следната година. Капацитетите за производство на електрична енергија од ветер и сончева енергија треба силно да растат и според сценариото засновано на актуелните трендови и според она засновано на претпоставката за нето нулта емисија на штетни гасови, пресметале.