Цените на нафтата паднаа под 74 долари

Цените на нафтата паднаа под 74 долари на меѓународните пазари во понеделникот по медиумските извештаи дека Израел и Либан се договориле за условите за прекин на огнот, како што изјави неименуван американски претставник.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнео беше пониска за 1,34 долари во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата седмица и изнесуваше 73,83 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по пониска цена од 1,44 долари, од 69,80 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека во петокот цената на барел од референтнат нафтена кошничка на нејзините членки се зголемила за 1,11 долари, на 74,43 долари.

На крајот од минатата седмица, расположението на пазарите беше обележано со стравувања дека Украина може да ја нападне руската нафтена инфраструктура со ракети со долг дострел испорачувани од западните земји. Во текот на летото, украинските вооружени сили веќе неколкупати ги нападнаа рафинериите во Русија, користејќи беспилотни летала.

Претходниот викенд, според американските медиуми, Вашингтон ја овластил Украина да користи американско оружје за напади на руска територија, а Москва предупреди дека одлуката ја смета за директно учество на САД во војната, објаснувајќи дека украинската армија не може да ги употребува тие проеклитли без наведување од американските авиони AWACS.

Во средината на минатата седмица Украина истрела шест проектили АТАCМS кон рускиот регион Брјанск, а Русија одговори со истрелување експериментална суперсонична ракета со среден и долг дострек во Украина, предупредувајќи го Западот на опасност од ескалација.

Во понеделникот руското Министерство за одбрана објави дека собориле осум балистички ракети истрелани од украинските сили во изминатите 24 часа, пренесоа руските медиуми. Украинската армија соопшти дека синоќа успешно нападнала складиште за нафта во Калуга, Русија.

Во понеделникот попладнето, трговците беа преокупирани од извештајот на интернет изданието Axios и тврдењето на неименуван американски дипломат дека Израел и Либан постигнале договор за условите за примирје и дека израелскиот кабинет би можел да го одобри во вторник.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да го коментира извештајот. Портпаролот на заменик-претседателот на либанскиот парламент, Елиас Бу Сааб, изјави за Ројтерс во Бејрут дека „нема сериозни пречки“ за почеток на имплементацијата на договорот предложен од САД со Израел.

Израелската влада ќе се состане во вторник за да разговара за договорот за прекин на огнот со либанскиот Хезболах кој би можел да биде „зацементиран“ во наредните денови, според висок израелски функционер. Вашингтон му рекол на Бејрут дека договорот може да биде објавен „за неколку часа“, според либански функционер.

Израелските власти претходно изјавија дека е на повидок крај на војната, иако сè уште има некои спорни прашања. И двајца високи либански функционери беа внимателни оптимисти, и покрај континуираните напади врз Либан од страна на израелските вооружени сили.

„Се чини дека цените паднаа по веста за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, иако тој конфликт не го наруши снабдувањето и премијата за ризик беше ниска дури и пред да паднат цените во понеделникот“, забележува Џовани Стауново од UBS.