Цените на нафтата паднаа под 82 долари, фокусoт на побарувачката

Цените на нафтата паднаа под 82 долари на меѓународните пазари во вторник, бидејќи загриженоста за побарувачката ги засени можните прекини во снабдувањето поради шумските пожари во Канада и проценките дека американската централна банка сепак ќе ги намали каматните стапки на почетокот на есента.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 84 центи во однос на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 81,56 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од 93 центи, по 77,47 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека во понеделникот барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки поевтинил за 2,03 долари, на 82,77 долари.

Трговците последните денови се се фокусираа на вестите од Кина за да ја измерат побарувачката во најголемиот увозник на нафта во светот.

Кинескиот бруто домашен производ (БДП) порасна за 4,7 отсто во вториот квартал годинава во споредба со истиот период минатата година, објави заводот за статистика, при што континуираниот пад на пазарот на недвижности ја ослабел личната потрошувачка. Во првиот квартал беше зголемен за 5,3 отсто. Инвеститорите очекуваа стимулации, а кинеската централна банка ги намали трошоците за задолжување оваа недела, што според нив не е доволно.

„Намалувањето на каматните стапки во Кина е премногу скромно за да се подобри расположението на нафтениот пазар“, заклучува Џовани Стауново од банката UBS.

Трговците се, исто така, загрижени поради индициите за намалена побарувачка. Глобалните залихи на бензин пораснаа минатата сдмица, според анализата на „StoneX“, а кога се додаваат залихите на нафтата и другите дестилати, нивното ниво расте во сите големи трговски центри со исклучок на Европа, забележа аналитичарот на „StoneX“, Алекс Ходес.

Нафтениот пазар во моментов е видно недоволно снабдуван, но треба да се избалансира во четвртиот квартал и да забележи суфицит на понудата во наредната година, проценуваат аналитичарите на „Morgan Stanley“.

„Цените на нафтата може (…) да им биде тешко да ја надоместат изгубената земја, со оглед на доминантната загриженост за побарувачката“, додава Карстен Фритш од „Commerzbank“.

Позначителен пад на цените денеска беше запрен поради стравувањата дека пожарите во Канада би можеле да го загрозат производството од околу 400 илјади барели дневно. Аналитичарите на „Goldman Sachs“ забележуваат дека производството во моментов е стабилно.

Поддршка за цените даваат и шпекулациите дека американската централна банка би можела да ги намали клучните каматни стапки во септември, што би ја стимулирало економската активност и побарувачката на нафта. Трговците на мало во моментов внимателно ги следат податоците за залихите за да ја измерат побарувачката за време на шпицот на летната сезона на патување.

Здружението на производители на API треба да ги објави податоците во текот на денот, а владата утре.