Цените на нафтата паднаа под 76 долари во средата, бидејќи инвеститорите се загрижени поради знаците за забавувањето на кинеската побарувачка и падот на американскиот извоз, што може да се одрази со послаб економски раст и потрошувачка на гориво.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 1,59 долари пониска во однос на затворањето на тргувањето во вторникот и изнесуваше 75,61 долар. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргуваше по 70,65 долари.
Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот поскапела за 32 центи на 80,01 долар.
Во фокусот на пазарот е најавата на OPEC и нејзините сојузници независни големи производители предводени од Русија дека ќе ја намалат понудата за дополнителни 2,2 милиони барели дневно во првиот квартал од слендата 2024 година. Кога ќе се вклучат веќе исклучените од пазарот саудиските и руските барели, пласманот ќе се намали за уште 700.000 барели дневно од сегашното ниво.
Саудиските и руските власти оваа седмица споменаа дека би можеле да ја намалат понудата и по март, но и да пласираат уште помалку барели на пазарот.
„Одлуката за натамошно намалување на производството од јануари не го стимулира пазарот, ниту новите, навидум координирани пораки од Саудиска Арабија и Русија дека ќе продаваат помалку барели по првиот квартал од 2024 година, па дури и ќе ги продлабочат намалувањата, доколку е потребно. изјави Тамас Варга од PVM.
Саудиска Арабија ја намали официјалната продажна цена за азискиот пазар во јануари за прв пат по седум месеци, што може да биде знак дека побарувачката опаѓа, шпекулира Варга.
Рускиот претседател Владимир Путин во средата допатива во посета на Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија за да се сретне со претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед Бин Зајед Ал Нахјан и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман. На состанокот во Абу Даби, Путин разговараше за соработката меѓу Русија и Обединетите Арапски Емирати во рамките на картеплот OPEC+ и други големи проекти за нафта и гас, јави Reuters.
Во средата, цените беа притиснати од загриженоста за кинеската економија, чија нестабилна економија може да ја ограничи побарувачката за гориво во вториот по големина потрошувач на нафта во светот.
Агенцијата за кредитен рејтинг Moody’s во вторникот сигнализираше дека може да го намали рејтингот на кинеските државни обврзници А1, менувајќи ја перспективата од стабилна во негативна. Во четврток, Кина ќе ги објави прелиминарните ноемвриски трговски податоци, вклучувајќи ги и податоците за увозот на сурова нафта. Аналитичарите проценија дека темпото на преработка во кинеските рафинерии ослабела во претпоследниот месец од годината.
Трговците беа загрижени и од падот на американскиот извоз во октомври и поголемиот трговски дефицит, бидејќи може да го забави растот на американската економија во четвртиот квартал од годината.