Цените на нафтата паднаа под 83 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи проблемите во кинескиот сектор на недвижности ја поттикнаа загриженоста за побарувачката, засенувајќи ги ескалацијата на тензиите на Блискиот исток.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето пладне беше за 62 центи пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 82,93 долари. Минатиот петок го татвори тргувањето со раст до 1,12 долари. На американскиот пазар, пак, цената на барелот денеска порасна за 59 центи и се тргуваше за 77,49 долари. Во петокот тргувањето го затвори со добивка од 65 центи.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во петокот барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поскапел за 1,02 долари, на 83 долари.
На крајот на минатата седмица трговците беа охрабрени од стабилниот раст на американската економија во четвртиот квартал, за 3,1 отсто во однос на истиот период од претходната година, по 2,9 отсто раст во периодот од јули до септември.
Пазарите внимателно го следат разгорувањето на тензиите на Блискиот исток. САД во неделата известија дека тројца војници биле убиени во напад со беспилотно летало врз американските сили во Јордан. Претседателот Џо Бајден изјави дека „групите поврзани со Иран“ се одговорни за нападот.
„Сметаме дека загинувањето на тројца припадници на американската војска (…) во Јордан претставува критична точка на пресврт во актуелниот конфликт на Блискиот исток“, вели Хелима Крофт од „RBC Capital“.
Подиректен конфликт со Иран, смета Крофт, би го зголемил ризикот од прекин на регионалното снабдување со енергија.
На почетокот на работната седмица, загриженоста за кинеската економија преовлада откако судот во Хонгконг нареди ликвидација на гигантот за недвижнини „China Evergrande“. Секторот на недвижности игра важна улога во кинеската економија, па кризата може да ја забави побарувачката на нафта.
Расположението е пригушено од континуирано високите каматни стапки во еврозоната. Европската централна банка (ECB) минатиот четврток ги задржа на сегашното ниво и покрај предупредувањето за ризикот за економскиот раст.