Цените на нафтата пораснаа во понеделникот на меѓународните пазари, бидејќи нападите на јеменските Хути врз бродовите во Црвеното Море ги зголемија стравувањата од прекини на редовното снабдување.
Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 62 центи во однос на претходното затворање на тргувањето, на 77,17 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 47 центи повисока цена, по 71,90 долари.
Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафтса (OPEC) објави дека барелот од нафтената референтна кошница на нејзините членки во петокот поскапел за 1,26 долари на 78,03 долари.
Британски BP привремено ги запира сите транзити на нафта низ Црвеното Море, како што соопшти конпанијата во понеделникот, по нападот врз танкери од страна на Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, во текот на викендот. И бродските компании за време на викендот најавија дека ќе ја избегнуваат пловидбата преку Суецкиот канал.
Цените на двата пазари забележаа мала добивка минатата седмица по седумте седмици пад, бидејќи минатонеделниот состанок на американската ценртрална банка ги зголеми надежите дека е завршено зголемувањето на каматните стапки и оти следува нивно намалување.
„Порастот на геополитичката премија за ризик, сега во форма на редовни напади на Хутите врз трговските бродови во Црвеното Море, има неоспорна улога во заживувањето на цените на нафтата“, вели Тамаш Варга од PVM.
Поддршка на цените им даваи најавата на Русија дека ќе го продлабочи намалувањето на извозот на нафта во декември за можни 50 илјади барели дневно или повеќе, нешто порано од најавеното, додека најголемите светски извозници се обидуваат да ги поддржат глобалните цени на нафтата со намалување на производството. Тоа доаѓа откако Москва во петокот суспендираше околу две третини од утоварувањето на суровата нафта од нејзиниот бренд Urals од пристаништата поради невремето и планираните работи за одржување.