Цените на нафтата се искачија на 78 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи најавата за намалена понуда од Либија и тензиите на Блискиот исток ги потиснаа во втор план стравувањата дека послабиот економски раст во Кина и во САД може да ја намали побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 1,42 долари отколку на вчерашното затворање и изнесуваше 77,90 долари. Речиси за исто толку поскапе и цената на барелот на американскиот пазар и се тргуваше по 74,68 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во вторникот барелот од нафтената референтна кошничка на нејзините членки поскапел за 31 цент, на 75,34 долари.
Трговците беа загрижени на крајот од минатата седмица од забележливото забавување на вработувањата во САД. Во јули работодавачите отворија само 114.000 нови работни места, речиси половина од месечниот просек пред 12 месеци, а стапката на невработеност се искачи на 4,3 отсто, што е највисоко ниво во последните речиси три години.
Бројките ги поттикнаа стравувањата дека најголемата светска економија е на работ на рецесија, што би значело послаба побарувачка за енергетски производи. Во средата, трговците беа загрижени и од извештајот на Здружението на американски производители, бидејќи, според извори кои имале пристап до бројките, тој покажал пораст на залихите на нафта и бензин минатата семица, во екот на летната сезона на масовни патувања. Владата подоцна во текот на денот ќе ги објави официјалните податоци.
Кинескиот увоз на нафта паднал во јули на најниското ниво во речиси две години, покажуваат податоците на царинската управа. Кина е најголемиот увозник на нафта во светот.
Во вторникот цените се стабилизираа откако либиската Национална нафтена корпорација објави дека поради протести планира постепено да го намалува производството на најголемото нафтено поле Шарара, со капацитет од 300.000 барели дневно.
Во исто време, трговците стравуваат за залихите од Блискиот исток. Иран предупреи дека ќе одговори на убиството на палестинскиот преговарач на Хамас за прекинот на огнот во окупираниот палестински Појас Газа, Исмаил Хание. Израел соопшти дека нема да ја прекине воената операција во Газа додека не го уништи Хамас. Тел Авив, истовремено, објави дека е убиен воен функционер на либански Хезболах, Фуад Шукр.
„Ескалацијата на конфликтите на Блискиот исток може да го зголеми ризикот од прекин на снабдувањето од регионот“, потсетува аналитичарот на ANZ, Даниел Хајнс.