Цените на нафтата во четвртокот се зголемија на 77 долари на меѓународните пазари поради шпекулациите дека Израел би можел да ја нападне нафтената инфраструктура на Иран во ексалирачкиот вооружен конфликт што ги загрозува испораките од Блискиот исток.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 2,71 долар од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 76,61 долар. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 2,83 долари поскапо, по 72,93 долари.
Во посебен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во средата поскапел за 3,28 долари на 74,62 долари.
Пазарите внимателно ја следат ескалацијата на конфликтот на Блискиот исток. Иран истрела речиси двесте балистички проектили врз цели во Израел во вторникот, како одговор на израелските напади врз Либан последните денови, во кои загинаа стотици цивили и група политички и воени претставници од либанското шиитско движење Хезболах.
Во средата, Техеран објави дека неговиот одговор е завршен доколку реакцијата на Израел не бара нови потези. Тел Авив веќе најави „последици“. Во меѓувреме, израелските војници ја нападнаа либанската територија, но претрпеа загуби во директниот конфликт со Хеболах, а во четвртокот израелските воздухопловни сили повторно го бомбардираа Бејрут, при што загинаа најмалку девет цивили.
Пазарите шпекулираат дека Тел Авив може да ја нападне и нафтената инфраструктура на Иран.
„Го чекаме одговорот на Израел. Претпоставувам дека утре ќе одговорат по празникот Рош Хашана“, смета Тони Сајкамор од IG.
Производството на нафта во Иран во август достигна највисоко ниво во последните шест години на 3,7 милиони барели дневно, пресметаа аналитичарите на ANZ, додавајќи дека Иран сочинува околу четири отсто од глобалното производство.
Во такви услови, трговците ги игнорираа навестувањата за поголема понуда од Либија. Либиската Национална нафтена корпорација (NOC) објави дека ја укина клаузулата за „виша сила“ на сите нафтени полиња и терминали, што укажува на можна нормализација на производството и извозот кои беа повеќе од преполовени во септември поради политичката криза, на само 400.000 барели дневно.
Блискиот исток го турна во втор план и растот на резервите на нафта во САД минатата седмица, за 3,9 милиони барели, покажуваат податоците на Министерството за енергетика.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) по вчерашната средба на министрите на групата членки и независните производители предводени од Русија познати како групата OPEC+ објави дека има намера внимателно да ја следи состојбата на пазарот, отфрлајќи ги шпекулациите дека би можеле да се откажат од најавеното скромно зголемување на понудата од крајот на годината, за 186 илјади барели дневно.