Цените на нафтата пораснаа во вторникот на меѓународните пазари кон 77 долари за барел, благодарејќи на сигналите за скромен раст на производството на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и паралелното јакнење на побарувачката од кинеските рафинерии.
На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 47 центи во однос на затворањето на тргувањето во понеделникот и изнесуваше 76,68 долари. На американскиот пазар немаше поголеми промени, и со барелот се тргуваше по 68,90 долари. Одвоено OPEC претпладнето објави дека цената на барелот од референтната кошничка нејзина нафата во понеделникот изнесувала 74,90 долари, па не се менувала значително во однос на претходниот трговски ден.
Комисијата на OPEC и групата независни производители предводени од Русија утврдија дека производителите на нафта кои учествуваа порано во договорот за намалување на понудата, го намалиле производството во јули за 9 отсто повеќе отколку што беше договорено. Резултатите од спроведувњето на договорот за постепеното зголемување на производството, коешто го објави ткн Комитете на OPEC+, покажуваат ниво на усогласеност со зацртаните нивоа на производство од 120 отсто во јуни, во однос на 147 во мај, што значи дека учесниците континуирано го зголемувале производството, но побавно отколку што се очекуваше.
Тоа го зацврсти убедувањето кај вложувачите дека понудата во претстојните месеци веројатно нема да биде доволна да ја покрие побарувачката, што се огледува и во намалената разлика во цената на барелот во договорите за испораките во октомври односно ноември, на околу 26 центи по барел. Тоа е двојно помалку отколку што изнесуваше пред еден месец.
„Претходно предвидувавме дека цените до крајот на годината благо ќе паднат, но сега ми е тешко да ја потврдам оваа процена. Сметам дека цените имаат солидна поддршка, со можни чувствителни скокови, зависно од идното снабдување од Иран. Кога ќе се анализираат разликите во цените, за испораките во октомви и во ноември, стануваат видливи сигналите за приближување на понудата и побарувачката“, вели во анализата на Reuters Ворен Патерсон од ING.
Повисоките цени во договорите за испораките во покус рок во однос на оние со подолг рок на испораки упатуваат на процените на трговците дека побарувачката на нафтата ќе го надмине снабдувањето. Нафтените пазари минатата семица беа притиснати од стравувањата дека трговската војна меѓу САД и Кина ќе го поткопа глобалниот раст, а со тоа и побарувачката на сировата нафта од најголемиот светски увозник на стоки. Новите податоци од Кина покажуваат дека стравувањата биле претерани, според Патерсон.
„Темпото на преработување во кинеските рафинерии… достигна кон средината на август ниво од високи 66 отсто, па всушност сме сведоци на закрепнување и тоа ја стивна загриженоста за кинеската побарувачка“, вели уште споменатиот аналитичар на ING.
Независните кинески рафинерии чувствително го зголемија увозот на нафта во август, за околу 40 отсто во однос на јули, на околу шест милиони тони, односно 1,4 милиони барели дневно, заклучувајќи го подолгиот летен период на работите на одржување на рафинериските инфраструктури.