Цените на нафтата растат петти ден со ред

Цените на нафтата пораснаа на меѓународните берзи во понеделникот петти со ред трговски ден, по минатонеделниот скок од повеќе од три отсто, бидејќи се намалија стравувањата од рецесија во САД.

Цената на барелот на лондонскиот пазар во понеделникот во попланевното тргување се зголеми за 70 центи, на 80,36 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 84 центи поскапо, по 77,68 долари.

„Поддршката доаѓа од минатонеделните подобри од очекуваните податоци за САД, кои ги намалија стравувањата од рецесија во САД“, вели Тони Сајкамор од „IG Markets“.

Цената на барелот во Лондон минатата седмица зајакна за 3,7 отсто, а на американскиот пазар за 4,5 отсто, благодарение на подобриот од очекуваниот седмичен показател за барањата за надоместок за невработеност и зголемените очекувања дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки во септември. Тројца функционери на Fed изјавија дека инфлацијата се смирила доволно што банката може да ги намали каматните стапки веќе следниот месец.

Во исто време, пазарот останува загрижен за најавената одмазда на Иран и на либанското шиитско двиижење Хезболах и палестинското сунитско движење Хамас за израелските убиства на нивните високопозиционирани припадници, што на крајот може да го наруши извозот на нафта од Блискиот исток.

„Пазарот сè уште чека одговор од Иран“, вели Ворен Патерсон од ING.