Цените на нафтата се искачија на 75 долари, фокусот на Блискиот исток

Цените на нафтата се искачија на нивото од 75 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи ескалацијата на Блискиот исток ги надмина стравувањата од слабеење на побарувачката во Кина и САД.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за испорака во ноември беше за 51 цент повисока отколку на затворањето на тргувањето на крајот од минатата седмица и изнесуваше 75,00 долари. На американскиот пазар со барелот за испорака во ноември се тргува по 65 центи повисока цена, по 71,65 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPECК) засебно објави дека барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во петокот поевтинил за 41 цент на 74,74 долари

Централната банка на САД ги намали клучните каматни стапки за половина процентен поен минатата седмица, а реакциите на трговците се движеа од проценки дека пониските трошоци за задолжување ќе ја поттикнат економската активност и побарувачката на енергија до стравувањата дека повисоката проценка на стапката на невработеност најавува послаб период во најголемата светска економија. Од Fed, исто така, посочија дека може да ги намали каматните стапки за уште половина процентен поен до крајот на годината.

Нафтените пазари беа загрижени и од знаците за забавување на побарувачката во Кина. Преработката во кинеските рафинерии забави во август, а податоците за индустриското производство и продажбата на мало сигнализираа послаб период.

На почетокот од оваа седмица вниманието на пазарот се насочи кон Блискиот исток. Израел нападна стотици цели на Хезболах во Либан во понеделникот, при што според либанските здравствени власти загинаа најмалку 182 лица. Израел минатата седмица објави дека ќе го префрли фокусот на воените операции од окупираниот палестински Појас Газа на северот.

„Новите израелски напади врз Либан ги зголемуваат стравувањата за поактивна иранска улога, што може да ги зголеми ризиците за извозот на нафта“, вели Денис Кислер од „BOK Financial“.

Блискиот исток произведува околу една третина од светската нафта.

Снабдувањето може да биде загрозено и од ново нарушување на атмосферските услови во близина на Мексиканскиот залив. Производителот „Shell“ во неделата објави дека ќе го прекине производството во два капацитета во регионот како мерка на претпазливост.

Шансите системот во близина на Мексиканскиот залив да се развие во циклон во следните 48 часа се 50 отсто, соопшти Националниот центар за урагани на САД.

„Се чини дека условите на животната средина се поволни за развој на бура и дека ќе се формира тропска депресија или тропска бура во следните неколку дена“, објавија од Центарот.