Цените на нафтата се зголемија на меѓународните пазари во четвртокот до нивото од 76 долари, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораките за економска поддршка на Пекинг, кои го засенија забавувањето на индустриската активност.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше повисока за 1,17 долари во однос на затворањето на пазарот во вторникот и изнесуваше 75,81 долар. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 1,20 долари поскапо, по 72,92 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека во вторникот цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки била речиси непроменета на 74,59 долари.
Трговците на првиот работен ден од новата година ги израдуваа пораките од Пекинг за неговите планови за 2025 година. Во својот новогодишен говор, претседателот Кси Џиапинг најави нови мерки за стимулирање на економскиот раст.
„Тековната економска активност се соочува со нови предизвици, вклучително и неизвесноста во надворешното опкружување и притисокот на транзицијата од стари мотори за раст на нови.. Сепак, успешно ќе ги надминеме со напорна работа. Како и секогаш, растеме и на ветер и на дожд и тешките времиња нè челичат… Мора да имаме доверба во сопствените сили“, заклучи Кси.
Во посебен говор, тој рече дека кинескиот БДП во 2024 година се проценува дека ќе порасне за околу 5 проценти, што укажува дека азискиот гигант ја постигнал својата цел.
Неговите пораки го надминаа извештајот кој покажа скромен раст на кинеската индустриска активност, според извештајот на Caixin и S&P Global. Официјалниот извештај на Заводот за статистика покажа дека активноста горе-долу стагнира, но инвеститорите се фокусираа на подобрување во услужниот и градежниот сектор, заклучувајќи дека стимулацијата носи резултати во одредени сектори.
Некои аналитичари гледаат индиции во официјалниот извештај за забавување на индустриската активност како можност за зголемување на цените на нафтата, бидејќи веруваат дека тоа би можело да го поттикне Пекинг да ја „засили“ поддршката за економијата.
Трговците, исто така, внимателно ќе ги следат показателите од американската економија, а според Тони Сајкамор од IG, податоците на ISM за индустриската активност во САД ќе играат клучна улога во движењето на цените на нафтата во наредните денови.
Пазарот очекува и податоци за залихите во САД. Поради новогодишните празници здружението на производители API ќе ги објави подона во текот на денот, а Министерството за енергетика во петок.
Извештаите ќе покажат пад на залихите на сурова нафта и дестилати и пораст на залихите на бензин, шпекулираат економистите анкетирани од Reuters.