Цените на нафтата се искачија над 83 долари на меѓународните пазари во средата поради навестувањата за силна побарувачка и шпекулациите за можно нарушување на снабдувањето од Русија по нападите од Украина врз руските рафинерии.
На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во мај беше за 1,54 долари повисока од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 83,46 долари. На американскиот пазар барелот за испорака во април поскапе за 1,59 долари на 79,15 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во засебен извештај објави дека во вторникот барелолт референтна нафтена кошница на нејзините членки поскапел за 25 центи на 82,61 долари.
Трговците се фокусираа на знаци на силна побарувачка во средата. Залихите на сурова нафта во САД минатата седмица паднаа за 1,5 милиони барели, покажуваат податоците на Министерството за енергетика, нешто посилно отколку што очекуваа аналитичарите. Стапката на искористеност на рафинериските капацитети се зголемила за 1,9 процентни поени, на 86,8 отсто.
Рафинериите во САД постепено ги завршуваат редовните работи за одржување, забележува Reuters.
Падот на залихите во САД уследи по проценката на OPEC дека побарувачката треба да се зголеми за 2,25 милиони барели дневно оваа година, поддржана од побарувачката во Кина. Истовремено, аналитичарите ги проценуваат изгледите за прекини во снабдувањето, по нападите со украински беспилотни летала во Русија и пожарот во најголемата рафинерија на производителот на нафта „Роснефт“.
„Очекувањата за цените одеднаш почнаа по нагорна траекторија, што е разбирливо по континуираните напади врз руските рафинерии“, објаснува Тамаш Варга од брокерската куќа PVM.
Поддршка на цените на нафтата и другите хартии од вредност им дадоа проценките дека благото забрзување на инфлацијата во САД во февруари нема да ја одврати централната банка да ги намали каматните стапки најдоцна до средината на годината. Пониските каматни стапки ја поддржуваат економијата и побарувачката за нафта.
Во белешката до клиентите, аналитичарите на „Capital Economics“ напишаа дека сè уште очекуваат Fed да започне со олеснување на монетарната политика „околу јуни“.