Цените на нафтата се лизгаат кон 82 долари, трговците загрижени од Fed

Цените на нафтата паднаа кон нивото од 82 долари на меѓународните пазари во четвртокот, бидејќи стравувањата дека американската централна банка ќе го одложи намалувањето на каматните стапки ги надмина навестувањата за посилна кинеска побарувачка.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 58 центи отколку на затворањето на тргувањето во средата и изнесуваше 82,38 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по пониска цена за 67 центи, од 78,46 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека во средата барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поскапел за 38 центи на 82,68 долари.

Пазарите оваа седмица се фокусирани на Федералните резерви на САД и нивните сигнали за временската рамка за намалување на каматните стапки.

Трговците се подготвуваат за можно одложување на намалувањата до втората половина на годината за поддршка на доларот, според истражувањето на Reuters меѓу валутните стратези. Силниот долар ја намалува побарувачката за нафтата, бидејќи ја слабее куповната моќ на купувачите кои користат други валути.

Претседателот на Fed, Џером Пауел, во средата рече дека натамошниот напредок во ограничувањето на инфлацијата „не е загарантиран“, иако банката сè уште очекува да ги намали каматните стапки до крајот на годината.

Позначајниот пад на цената на нафтата го спречи неочекуваниот силен раст на кинескиот извоз во јануари и февруари, бидејќи сигнализира постепено закрепнување на глобалната трговија.

Трговците беа охрабрени и од растот од 5,1 отсто на кинескиот увоз на нафта, врз основа на побарувачката од рафинериите што ја „покриа“ силната продажба на гориво во текот на кинеската Лунарна нова година која годинава се одбележуваше во февруари.

„Податоците од трговскиот биланс на Кина се позитивен знак за изгледите за побарувачката на пазарите на нафта“, вели независната аналитичарка од Окленд, Тина Тенг, предупредувајќи, сепак, дека расположението на пазарот е пригушено со падот на акциите на њујоршки Волстрит.