Цените на нафтата се приближија до 86 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи трговците беа охрабрени од ублажувањето на инфлацијата во САД, поттикнувајќи ги шпекулациите дека централната банка наскоро ќе ги намали трошоците за задолжување, ќе ја зајакне економската активност и побарувачката на енергија.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 49 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 85,89 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше по повисока цена од 69 центи, по 83,31 долар.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно извести дека во четвртокот барелот од нафтената рњферентна кошничка на нејзините членки поскапел за 71 цент на 86,11 долари.
Чувството на инвеститорите беше поттикнато од извештајот за инфлација во САД, кој покажа дека потрошувачките цени паднале во јуни првпат од почетокот на пандемијата, поттикнувајќи шпекулации дека централната банка наскоро може да ги намали каматните стапки.
Пониските трошоци за задолжување би го стимулирале економскиот раст, што би значело и поголема побарувачка за енергетски производи.
Трговците сè уште чекаат појасни сигнали од Fed. Претседателот на централната банка Џером Пауел призна дека ценовните притисоци се намалуваат неодамна, но му рече на Конгресот дека сè уште не е подготвен да прогласи победа над инфлацијата. Ако добиеме повеќе добри податоци, тоа ќе ги зајакне аргументите во корист на намалување на каматните стапки, изјави првиот човек на централната банка.
„Бројките што го покажуваат ‘ладењето’ на инфлацијата во САД би можеле да послужат како аргумент за Fed да тврди дека треба да го забрза олабавувањето на монетарната политика. Сепак, факт е дека тие следат низа непријатни изненадувања во американската економија, податоци кои јасно сигнализираат слабеење на американската економија“, смета Јеап Џун Ронг од IG.
Цените се поддржани и од индикации за силна летна побарувачка за гориво во САД. Побарувачката на бензини достигна 9,4 милиони барели дневно минатата празнична седмица, што е највисоко ниво од 2019 година, според владините податоци објавени во средата. Четиринеделната просечна побарувачка за авионско гориво беше најголема од јануари 2020 година.
„Цените ќе продолжат да се движат во ограничен опсег и во наредните денови, бидејќи проценките за силна потрошувачка на горива во текот на летото ќе бидат неутрализирани со континуираната слабост на економијата и неизвесното закрепнување на побарувачката на подолг рок“, објаснува Емрил Џамил од LSEG.
Трговците се во состојба на готовност и поради знаците на слабеење на побарувачката во Кина, најголемиот увозник во светот.
„Корекцијата на цените на пониски нивоа во изминатите неколку дена очигледно заврши, но темпото на нивниот раст во наредниот период може да го забави намалениот кинески увоз на нафта, кој во јуни потона за 11 отсто во однос на минатата година“, објаснува Тамаш Варга од PVM.