Цените на нафтата се задржаа близу 75 долари

Цените на нафтата се задржаа на нивото близу 75 долари на меѓународните пазари во петокот, балансирајќи меѓу знаците за посилна побарувачка и шпекулациите дека мировниот договор меѓу Москва и Киев може да го отвори патот за зголемени испораки од Русија.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше речиси непроменета од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 74,93 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 30 центи пониска цена, по 70,99 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засбно денеска извести дека барелот од кошничката референтна нафта на нејзините членки во четвртокот поевтинил за 1,64 долари, на 76,24 долари.

Кон крајот на седмицата трговците се фокусираа на пораките од Вашингтон дека САД би можеле да ги укинат санкциите за руската нафта доколку Москва и Киев постигнат мировен договор. Американскиот претседател Доналд Трамп оваа седмица побара од своите функционери да започнат преговори за ставање крај на војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразија желба за мир во одделни телефонски разговори со Белата куќа.

Доколку се најде решение за заобиколување на санкциите наметнати од поранешниот американски претседател Џо Бајден кон крајот на неговиот мандат за осигурувателите, транспортерите и руските производители на нафта, извозот би можел да продолжи, пишува во извештајот на Меѓународната агенција за енергија (IEA).

Противтежа на нагаѓањата за зголемени испораки од Русија беа индициите за посилна побарувачка. Побарувачката на нафта се зголеми за 1,4 милиони барели дневно во однос на една година, на 103,4 милиони барели дневно, објавија аналитичарите на „JPMorgan“ во петокот.

„Побарувачката за моторно гориво и масло за ложење првично беше слаба, но се зајакна во втората недела од февруари, што сугерира дека јазот меѓу реалната и прогнозираната побарувачка наскоро ќе се намали… Потрошувачката на масла за ложење треба повторно да зајакне, а на ова треба да се додаде дека наглото зголемување на цените на бензинот во Европа може да поттикне преминување кон нафта“, објаснуваат од „JPMorgan“.

Во такви услови најавените американски реципрочни царини паднаа во втор план. Претседателот Доналд Трамп во четвртокот им нареди на службениците во одделите за трговија и економија да состават анализа за воведувањето реципрочни царини за земјите кои воведоа давачки за американските производи и да му достават препораки до 1 април.

„Позитивното придвижување на трговскиот план кое го донесе одложувањето на американските царини го отвори патот за раст на цените на нафтата од утрово, бидејќи проценката на ризикот се приклонува кон можен нов трговски консензус“, објаснува Јеап Јун Ронг од IG.