Цените на нафтата скокнаа кон 83 долари, Русија ја намалува понудата

Цените на нафтата се зголемија на меѓународните пазари до 83 долари во четвртокот, бидејќи руската објава за намалување на снабдувањето ги надмина сигналите од американската централна банка дека може да ги зголеми трошоците за задолжување доколку инфлацијата не се намали.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше повисока за 92 центи од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 82,82 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 97 центи поскапо, по цена од 78,54 долари.

Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во средата поевтинил за 31 цент на 83,27 долариа.

Трговците во четвртокот се фокусираа на најавата на Русија дека планира да ја намали понудата за да ги надомести повисоките испораки во април. Производната квота, усогласена со OPEC и групата независни големи производители е надмината од „технички причини“ и Русија наскоро ќе достави до секретаријатот на OPEC план за компензација за оваа грешка, објави Министерството за енергетика. во среда навечер.

Картелот познат и како OPEC+ ќе се состане на 1 јуни за повторно да ја разгледа производната политика. Тие во моментов ја намалуваат понудата за 2,2 милиони барели дневно за да одговараат на намалената побарувачка. Ограничената понуда и силната побарувачка би можеле да ги поддржат цените на подолг рок, велат аналитичарите.

„Имајќи предвид дека и натаму сметаме дека пазарот на нафтата е недоволно снабден, ги таргетираме цените на нафтата на лондонскиот пазар да се зголемат на 91 долар во наредните месеци… поддржани од здравата побарувачка и напорите на членките на OPEC+ да одржат рамнотежа на пазарот на нафта“, вели аналитичар на UBS, Џовани Стауново.

Најавата за намалена понуда од Русија ги засени сигналите од американската централна банка дека би можела да ги зголеми каматните стапки доколку инфлацијата не се намали. Записникот од последниот седница на челниците на Fed покажа дека се разговарало и за можно зголемување на каматните стапки, со оглед на континуираниот силен раст на цените. А повисоките долгорочни трошоци за задолжување ги кочат економските активности и побарувачката за нафта.