Цените на нафтата се задржаа стабилно на 83 долари на меѓународните пазари во вторникот, при што се намалија стравувањата на инвеститорите дека тензиите на Блискиот исток би можеле да предизвикаат прекини во снабдувањето.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше пониска за 30 центи во однос на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 83,03 долари. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргуваше за 78,21 долар.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки е речиси непроменета во понеделникот и изнесува 83,74 долари.
Трговците внимателно ја следат ситуацијата на Блискиот исток, стравувајќи дека разгорувањето на тензиите може да предизвика проблеми со снабдувањето со нафта.
Израелската армија ја презеде контролата на граничниот премин меѓу палестинскиот Појас Газа и Египет и израелски тенкови влегоа во палестинскиот град Рафах. Тел Авив најави напад врз градот и покрај стравувањата за безбедноста на околу 1,5 милиони палестински бегалци.
Нафтените пазари се обидуваат да ја проценат можноста за ескалација на конфликтот меѓу израелските сили и палестинскиот Хамас и прекин во снабдувањето со нафта. Во вторникот стравувањата донекаде стивнаа, ако се суди по намалената разлика во цената на барелите со датум на испорака следниот месец и онаа што купувачите треба да ја добијат за шест месеци.
„Обидите на трговците во изминатите месеци да ја искористат геополитиката како изговор за купување нафта пропаднаа и тие се принудени да плаќаат се повеќе и повеќе. Намалената разлика во цената ја нагласува добрата понуда на пазарот“, објаснува Оле Хансен од „Saxo Bank“.
Трговците се загрижени и за тврдоглаво високата инфлација во САД, бидејќи тоа би можело да ја наведе централната банка да го одложи намалувањето на каматните стапки, што би ја забавило економската активност и побарувачката на енергија на долг рок. Тмурното расположение беше намалено од послабото темпо на вработување во април.
Цените на нафтата, исто така, се задржуваат од посилниот долар бидејќи ја намалува побарувачката од купувачите со други валути.
Во меѓувреме, пазарите ги поддржуваат повисоките официјални продажни цени на саудиската нафта за испорака во јуни до купувачите во Азија, северозападна Европа и Медитеранот, бидејќи тие сигнализираат проценки за силна летна побарувачка.