![nafta 01](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/nafta-01.jpg?resize=696%2C391&ssl=1)
Цените на нафтата се стабилизираа на меѓународните пазари во петокот и се на пат да забележат седмичен раст, бидејќи нарушувањата на производството во Либија и плановите на Ирак за ограничување на производството ја зголемија загриженоста за снабдувањето.
Цената на барелот на лондонскиот пазар остана непроменета од претходното затворање, на 79,78 долари. Со барелот се тргуваше и на американскиот пазар по непроменета цена од 75,95 долари.
Во четвртокот цените на двата пазара пораснаа за повеќе од 1 долар и досега од почетокот на неделата пораснаа за 1,1 односно 1,6 отсто.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во посебен извештај објави дека во четвртокот цената на барелот од референта нафтена кошничка на нејзините членки паднала за 15 центи, на 78,10 долари.
„Цените на нафтата се поттикнати од најновите економски податоци на САД, кои укажуваат на благо закрепнување на економијата без рецесија, намалувајќи ги стравувањата од побарувачката. Од друга страна, падот на извозот од Либија и изгледите за помало ирачко производство во септември треба да го задржат недоволно снабдувањето на пазарот на нафта“, смета Џовани Стауново од UBS.
Во четвртокот либиското производство на нафта беше повеќе од преполовено, односно намалено за околу 700.000 барели дневно, а извозот беше запрен во неколку пристаништа поради конфликтот меѓу тамошните политички фракции. Консултантската компанија „Rapidan Energy Group“ проценува дека загубите во производството би можеле да достигнат меѓу 900.000 и милион барели дневно и може да траат неколку седмици.
Во меѓувреме, испораките на Ирак, исто така, се очекува да се намалат откако производството на земјата ја надмина квотата поставена во рамките на OPEC+, изјави во четвртокот извор со директно знаење за ова прашање. Ирак планира да го намали производството на нафта на меѓу 3,85 и 3,9 милиони барели дневно следниот месец.