Цените на нафтата стабилни на 81 долар

Цените на нафтата се стабилизираа близу нивото од 81 долар на меѓународните пазари во четвртокот, бидејќи најголемите производители ги потврдија плановите за зголемување на понудата, потиснувајќи ги настрана стравувањата од ескалација на тензиите на Блискиот исток по убиството на лидерот на палестински Хамас.

На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во септември попладнево беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 80,76 долари. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 2,09 долари. На американскиот пазар со барелот денеска се тргуваше по пониска цена за 20 центи, по 77,71 долар. Вчера ја затвори трговијата со добивка од 3,18 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека цената на барелoт од нафтената референтна кошница на нејзините членки во средата поскапел за 1,07 долари на 80,65 долари.

Трговците во средата беа загрижени од ескалацијата на тензиите на Блискиот исток по атентатот врз палестинскиот лидер на Хамас во Техеран. Израел изјави дека целта на неговата војна во окупираниот палестински Појас Газа е уништување на палестинската вооружена група. Во меѓувреме, Тел Авив објави дека убил и високо позициониран борбен командант на либанското шиитско движење Хезболах.

Иранскиот врховен верски водач Али Хамнеи наредил, според извештаите на медиумите, директен напад врз Израел поради убиството на палестинскиот лидер на иранска територија. Наредбата, наводно, била издадена на кризната средба на Врховниот совет за национална безбедност на Иран во средата наутро.

Ширењето на вооружените конфликти на поширокиот Блиски исток може да го наруши производството во регионот кој произведува една третина од светската нафта.

Цените беа поттикнати од остриот пад на залихите на сурова нафта во САД минатата седмица, за 3,4 милиони барели, покажуваат податоците на Министерството за енергетика. Залихите на бензин исто така се намалени за 3,7 милиони барели. Трговците внимателно ги следат податоците за залихите за да ја измерат побарувачката во САД во екот на летната сезона на патувања.

Во четвртокот вниманието се префрли на состанокот на министрите од Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нивните сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати како OPEC+ за производната политика. Министрите потврдија дека од октомври до септември идната година постепено ќе ја зголемуваат понудата за 2,2 милиони барели дневно, која беше намалена како поддршка на цените. Сепак, тие повторија дека во октомври може да ја прекинат одлуката или уште повеќе да ја намалат понудата, во зависност од состојбата на пазарот. OPEC+ моментално ја намалува понудата за вкупно 5,86 милиони барели дневно, што одговара на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка.

„Растот на цените беше задржан и од загриженоста за кинеската побарувачка“, вели Пријанка Сачдева од компанијата „Philip Nove“.

Активноста во кинескиот индустриски сектор благо се намали во јули, трет месец по ред, покажаа официјалните податоци во средата. Според истражувањето на Caixin и S&P Global, тој паднал првпат по девет месеци.