Цените на нафтата благо пораснаа во четвртокот на меѓународните пазари по двата дена пад, бидејќи растеше загриженоста за испораките од Либија.
Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 29 центи во однос на претходното затворање, на 78,94 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 36 центи повисока цена, по 74,88 долари.
Цените на двата пазара изгубија повеќе од 1 процент во средата, откако податоците покажаа дека залихите на сурова нафта во САД минатата недела паднале за 846.000 барели на 425,2 милиони, што е поскромно од 2,3 милиони барели очекувани од аналитичарите во истражувањето на Reuters.
Но, загриженоста за прекините на снабдувањето од членката на OPEC Либија даде одредена поддршка за цените. Тешкотиите во снабдувањето со либиска нафта, во средина на зголемени геополитички грижи, ќе ги задржат нафтените пазари на готовност и веројатно ќе го ограничат падот на цените, вели Пријанка Сачдева од компанијата „Phillip Nova“.
Некои нафтени полиња во Либија го запреа производството поради борбата за политичка контрола на централната банка на земјата, со што се запре снабдувањето меѓу 900.000 и 1 милион барели нафта дневно за неколку седмици, според проценките. Либиското производство во јули беше околу 1,18 милиони барели дневно.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во посебен извештај објави дека во средата цената на барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки паднала за 1,92 центи на 78,25 долари.