Германските граѓани сега плаќаат за 41 отсто поскапа струја, греење и гориво отколку во февруари 2021 година, објави весникот „Берлинер моргенпост“, според студија на порталот „Веривокс“.
Во извештајот се наведува дека според пресметката, тричлено семејство годишно троши 20.000 киловати енергија за греење, 4.000 киловати струја и поминува 13.300 километри во возило. Такво семејство за енергија и за гориво во февруари 2021 година платило 3.772 евра, а денеска за истиот трошок треба да издвои 5.306 евра.
По ковид пандемијата земјите на ЕУ се соочуваат со инфлација и со енергетска криза, како дел од глобалната економска рецесија. Ситуацијата дополнително се влоши со војната во Украина и со западните санкции против Русија, што доведе до прекини во синџирите на снабдување и до скок на цените на енергијата ширум светот.