Цените на услугите на Катастар зголемени до 30 проценти, директорот вели дека се на реално ниво

Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници. Причина за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, како и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катастарските ИКТ системи, информираше денеска на прес-конференција директорот на АКН, Борис Тунџев.

Тој ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на Комората на геодетски друштва, Никола Рибаровски за „енормен раст на цените на катастарските услуги“ и посочи дека има зголемување за одредени производи, за одредени намалувања, а дел се останати на исто ниво.

– Со новиот тарифен модел, поединечните цени на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем и надоместот за впишување во Катастарот на недвижности, не се енормно зголемени. Напротив, тоа се цени кои се на ниво на реално направените трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи, кои се од исклучителна важност, рече Тунџев.

Тој најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.

На брифингот за новинари сакаше да присуствува и претседателот на Комората Рибароски, што не му беше дозволено со образложение дека настанот е за информирање на медиумите, а тој може да побара прием за разговор.