Цените на златото се стабилизираа вна меѓунаордните пазари во петокот, откако иранските власти ги намалија стравувањата од ескалација на конфликтот со Израел, сигнализирајќи дека не планираат да одговорат на „сомнителните“ напади со беспилотни летала во иранскиот воздушен простор.
На физичкиот пазар во Лондон цената на унца злато во раното попладневно тргување беше за 0,1 отсто повисока од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 2.381,82 долари. Претпладнево на азиските пазари накратко скокна повеќе од еден процент, надминувајќи 2.400 долари.
На американскиот пазар на фјучерси, со унцата денеска се тргуваше по цена од 2.396,50 долари за унца, нешто пониска од вчерашното затворање на тргувањето.
Скокот на цените беше поттикнат од извештаите на западните медиуми за експлозија во близина на иранскиот град Исфахан. Американската теелвизиска мрежа ABC News објави, цитирајќи неименуван американски функционер, дека израелски ракети погодиле локација во Иран.
Иранската државна телевизија објави дека „на небото над Исфахан биле забележани три дрона. Системот за противвоздушна одбрана беше активиран и ги уништил беспилотните летала“. Иранските медиуми не го спомнаа Израел во извештаите, а еден аналитичар изјави за државната телевизија дека беспилотните летала управуваат од луѓе кои се инфилтрирале во Иран.
Високиот воен функционер Сиавош Михандуст изјави, според државната телевизија, дека целта на системот за противвоздушна одбрана бил „сомнителен објект“. Иран претпладнево го отвори својот воздушен простор и аеродромите.
Техеран го минимизираше инцидентот и посочи дека не планира да реагира. Пораката беше најјасно дадена од висок ирански функционер, кој за Reuters изјави дека Техеран не планира одговор во овој момент.
Портпаролот на иранскиот национален центар за кибернетички простор директно ги демантираше наводите за надворешен странски ракетен напад врз Исфахан и други делови на Иран на социјалната платформа Х.
Реакциите ги смирија пазарите на злато и нафта и цените се вратија на нивоата пред инцидентот.