Во Центарот за социјална работа (ЦСР) – Гостивар досега не се пристигнати никакви пријави или информации за каков било тип родителска негрижа, злоупотреба или несовесно однесување кон кое било дете од семејство, велат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) откако гостиварското обвинителство објави дека првичните сознанија се дека седумгодишното дете, кое загина го пожар во зграда, било врзано со синџир на нозете.
„Согласно евиденцијата на ЦСР Гостивар, ова семејство не било корисник на ниту едно право или, пак, услуга од социјалната и детската заштита. Стручните тимови на ЦСР Гостивар се во постојана комуникација со МВР и ОЈО и ги преземаат сите мерки што се во нивна законска надлежност. МТСП побара од ЦСР Гостивар детално да го испита случајот во врска со семејството и состојбата на децата, по што ќе бидат преземени соодветни мерки во интерес на децата“, велат од Министерството.
По пожарот, во кој изгоре домот на семејството, од гостиварскиот Центарот за социјална работа обезбедиле и сместување и соодветна грижа, а истовремено на семејството му е пружена и психосоцијална помош и поддршка.
Во меѓувреме, увид на местото на настанот прават екипи од ОЈО Гостивар и крим-техника од МВР, а дадена е и наредба за обдукција на телото на загинатото дете.