
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, денеска беше дел од седницата на управувачкиот комитет за координација и управување со Системот за управување со кризи, со која раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На настанот во ЦУК, на кој присуствуваа и директорот Стојанче Ангелов, министерот за одбрана Владо Мисајловски, потпретседателот на Владата Љупчо Димовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џевад Селами како и директори и претставници на АД Водостопанство, УХМР, Национални шуми, беа дискутирани предлозите за времено унапредување на кризниот менаџмент во делот на справување со било какви кризи, и елементарни непогоди.
– Како Претседател на ЗЕЛС сакам да истакнам дека превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците и дека само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи. Како приоритет би ја посочил потребата од реформи во противпожарната заштита и создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување. Сметам дека поради недоволната финансиска поддршка и старите возни паркови на противпожарните единици, функционирањето на општините е отежнато. Од наша страна, ние, како раководство на Општина Кисела Вода, набавивме ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Скопје. Дополнително, набавивме мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои често се главната причина за излевање на реките и поплави. Сепак, освен што како градоначалници треба да делуваме посветено секој во својата општина, потребна е и заедничка работа и силна поддршка од централната власт. Во овој момент, со оглед на сето она што се случува во изминатиот период, јас сум голем оптимист околу надминување на голем дел од проблемите токму преку поддршка од централната власт за решавање на системските проблеми и сакам да апелирам на уште поголема соработка која има за цел да обезбеди стабилност и безбедност на нашите граѓани, изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој управува со Комитетот, по седницата истакна дека државата има тотално нефункционален систем кој би требало да одговори на кризни состојби, пожари, поплави и дека е потребно креирање на функционален систем преку создавање на квалитетна законска легислатива.
-Освен ад-хок решенија, да создадеме систем кој ќе биде функционален и да одговори на овие состојби. Ангажирани се странски експерти кои со нивно искуство ќе помогнат на збивање на редовите во Македонија, што значи дека идејата на Владата за спојување на одредени институции, најверојатно ќе треба да се имплементира најскоро што може, за да се создаде законска легислатива и понатаму да одговориме сериозно на проблемите, како што и доликува на една држава, истакна Тошковски.