Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утре ќе разгледува собирање граѓански потписи за поништување на Законот за попис

Лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска преку статус на Фејсбук пишува дека партијата преку Централен комитет утре ќе предложи отпочнување на собирање на граѓански потписи во градовите и селата.

@Владиното мнозинство не ја прими граѓанската иницијатива за одложување на пописот кој е очигледен фалсификат. Изговорот е дека не постоела институцијата Собрание на Република Македонија. Кој се плаши и бега од сопствениот народ срамно завршува.На утрешната седница на Централниот комитет ќе предложам да отпочнеме со собирање на граѓански потписи во градовите и селата. Никој не победил народ. Ќе ги имаме потписите од пратениците и потписите на народот“, напиша Мицкоски, кој во објавата споделува и допис од Собранието.

Претходно во вторникот во изјава  за медиумите Мицкоски рече дека по поднесувањето на Иницијативата за поништување на Законот за попис, очекува собирањето потписи да почне најдоцна за еден месец и оти сега треба претседателот на Собранието да ја достави до матичните комисии, кои ќе ја оценат нејзината исправност. Доколку Владата, сепак реши да предложи одложување на пописот, Мицкоски рече дека за нив идеално време за попис е пролетта 2022 година, и бидејќи во периодот јуни/јули „никој не прави попис“.