Централниот совет на ДУИ го потврди изборот на Пендаровски за консензуален кандидат

Централниот совет на ДУИ го прифати и концептот за консензуалност и предлогот за Стево Пендаровски како заеднички кандидат за претстојните претседателски избори, а изборниот штеб на партијата ќе го води поранешниот градоначалник на скопски Чаир, Изет Меџити

Пендаровски претходно во неделата во  своето обраќање пред членовите на највиското партиско тело на ДУИ рече дека Македонија треба да покаже дека е способна и има капацитет да спроведе кристално чисти избори, за што треба да се ангажираат сите капацитети, на институциите, на граѓаните, а најмногу на политичките лидери.

Од ДУИ велат дека ДУИ со изборот на Пендаровски ја реализирала својата идеја за консензуален кандидат за претседател.

Пендаровски беше кандидат за претседател на изборите во 2014 година. Тој загуби од актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов со околу 130 илјади гласови, а тогаш коалиционот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ги бојкотираше претседaтелските избори.

идерот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, ги известил членовите на ЦС на ДУИ за разговорите со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и заедничкото договарање за излез на овие избори со заеднички кандидат.

Централниот Совет на Демократската Унија за Интеграција на денешната седница во Тетово дискутираше за претседателските и локалните избори, основањето на  Изборниот централен штаб и текот на процесот на регистрација на членството на Демократската Унија за Интеграција, соопштија денеска од оваа партија.

Централниот Совет на ДУИ едногласно донел одлука за учество на претседателските и локалните избори во Дебар и Охрид.

Претседателот Ахмети, предложил Централниот изборен штаб да го основа потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, додека Централниот Совет едногласно ја поддржал одлуката.

Претседателот Ахмети елаборирал околу концептот на консензуалноста, при што истакнал дека носителите на изборниот легитимитет на двете мнозински заедници, во овој случај ДУИ и СДСМ, заедно со претставниците на другите заедници, се договорија за заеднички кандидат за претседател на земјата.

Воедно, потврдени се двете работни групи за предлог на статутарните промени и за политичката платформа на ДУИ после заокружувањето на нормативните делови на Охридскиот Договор.