Централното претседателство на ДУИ продолжува и утре

По 10 часа дебата заврши централното претседателство на Демократската унија за интеграција, но консултациите за пристапување во нова владина коалиција продолжуваат и утре.

По состанокот во Мала Речица, претседателот ДУИ, Али Ахмети вели дека денеска не е донесена конечна одлука за тоа со кого партијата ќе коалицира.

„Нема договор со кого одиме во коалиција. Се разгледуваат сите опции за што е можно подобра одлука во корист на Албанците, Македонците, Србите, Ромите, Власите“, изјави Ахмети по состанокот.

Запрашан за информациите дека Невзат Бејта, потпретседател во партијата, вечерва е забележан во штабот на СДСМ Ахмети одговори дека тој како претседател секогаш знае кој каде пратил и со какви задачи.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи најави дека состанокот на највисокото партиско раководство ќе продолжи утре и ги демантираше информации дека состанокот минал во тензична и напната атмосфера и поради тоа тројца потпретседатели си заминале од седницата.

„Состанокот и седницата на претседателството продолжува утре. Се уште не се исцрпени сите аргументи по однос на опциите коишто ги ставено ДУИ на маса. Консултациите продолжуваат, полека сите аргументи се сведуваат на утврдувањето на платформата на ДУИ и условите кои што се поставени, така да ќе очекуваме реакција на политичките партии во однос на тие услови коишто ДУИ ги има поставено“, вели Османи.

Седницата на централното претседателство е закажана за 14 часот во партиската централа во Мала Речица. Рокот за договор за нова владина коалиција истекува во недела на полноќ.