Церар: Ќе биде многу лошо ако ЕУ не ги препознае напорите на Македонија

Словенечкиот министер за надворешни работи, Миро Церар, попладнево изјави дека Словенија силно поддржува почеток на преговори со Северна Македонија во јуни и дека би било многу лошо ако ЕУ не ги препознае напорите кои ги прави земјата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Церар утрово учествуваше и на средбата помеѓу министрите за надворешни на ЕУ со македонскиот министер Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, каде ги пренел истите заложби на неговата земја. Словенечкиот министер ја истакнал важноста на постигнувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор, како и на Договорот со Бугарија, но и реформските напори, рече тој попладнево пред новинарите во Брисел.

-Би било многу лошо за Европа ако не го препознае тој напор, таа подготвеност за компромис, таа посветеност кон реформите кои ги покажува Македонија, а највеќе ќе трпи европската идеја за интеграција и би било големо разочарување за жителите на Република Северна Македонија, изјави Церар.

Љубљана, како и бројни земји членки на ЕУ, сметаат дека Македонија треба да добие зелено светло за почеток на преговори во јуни и дека земјата заслужува да биде наградена за постигнатиот компромис со Грција, откако лани оваа одлука беше одложена. Но, Франција и Холандија остануваат многу скептични, во голем дел поради претстојната изборна кампања за Европскиот Парламент и домашната политика. Како што објаснуваат дипломатски извори за МИА, она што е различно оваа година во однос на претходната е дека Преспанскиот договор е потврден, изгласан и се спроведува што е аргумент помалку за земји како Франција.

Но, Париз и Хаг инсистираат дека Преспанскиот договор не е доволен и дека е неопходно исполнување на реформите и конкретни резултати во нивната имплементација, пред сѐ, во борбата против криминалот и корупцијата и правосудството.

Одлука никој не очекува да има додека не поминат европските избори на крајот на мај. Како што објаснуваат дипломатите во Брисел за МИА, по изборната кампања „можеби ќе може посмирено да се разговара за теми како проширувањето“.