Центарот за граѓански комуникации, ЦГК, денес, го објави истражувањето „Трошки за здруженијата на граѓаните во општинските буџети“. Истражувањето открива дека општините преку буџетската ставка 463 – наречена Трансфери до невладини организации- во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно.
Како што објавуваат од ЦГК, истражувањето ги покажало следниве клучни наоди:
• Здруженијата на граѓани и фондациите не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
• Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации – се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното.
• Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест и пол пати повеќе односно просечно по 488 илјади денари.
• Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита по што следуваат проекти од областа од културата и на животната средина. Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
• Јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините. Но, во нив најчесто не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.
• Повеќето од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите што добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. А не се бараат од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.