Чамец со мигранти потона близу Турција, меѓу 22 загинати има и деца

Најмалку 22 лица, меѓу кои седум деца, се удавија откако гумен чамец со мигранти се преврте во близина на северозападната турска провинција Чанаккале, соопшти во петокот канцеларијата на локалниот гувернер, додавајќи дека операциите за пребарување и спасување и натаму продолжува.

Канцеларијата на гувернерот на Чанаккале соопшти дека две лица биле спасени од крајбрежната стража, а две преживеале „со сопствени напори“ откако чамецот се превртел.

Во напорите за пребарување и спасување учествуваа авион, два хеликоптера и 18 пловни објекти од крајбрежната стража и други спасувачки агенции, заедно со 502 спасувачи.

Брод кој испловил од пристаништето Кабатепе и учествувал во операциите за пребарување и спасување е снимен како се враќа во пристаништето со тела на палубата. Здравствените работници и обезбедувањето биле снимени како префрлаат вреќи од бродот во амбулантно возило кое чекало на докот.

Претходно, гувернерот на Чанаккале, Илхами Акташ, изјави за државната новинска агенција Anadolu дека четворицата спасени мигранти се пренесени во болница. Засега не е познато колку мигранти имало во чамецот, додал Акташ.