Златниот џебен часовник пронајден покрај телото на најбогатиот човек на потонатиот „Титаник“ на наддавање би можел да достигне цена од 175.000 евра.
Бизнисменот Џон Џејкоб Астор Четврти, тогаш 47-годишен, потонал на бродот во 1912 година откако ја видел својата нова сопруга Медлин во чамец за спасување. Наместо да се обиде да се спаси во друг чамец, беспрекорно облечениот Астор, кој бил истакнат член на богатото семејство Астор, последен пат е виден како пуши цигара и разговара со сопатник.
Неговото тело било извлечено од Атлантскиот Океан седум дена подоцна и бил пронајден неговиот скап џебен часовник „Waltham“ од 14-каратно злато, со вгравираните иницијали JJA.
Се очекува часовникот да достигне цена меѓу 100.000 и 150.000 фунти кога ќе биде презентриан на наддавањето на аукциската куќа Henry Aldridge & Son во Девизес, Вилтшир, во сабота.
„Астор е добро познат како најбогат патник на ‘Титаник’ и се сметаше дека е меѓу најбогатите луѓе во светот во тоа време, со нето вредност од приближно 87 милиони американски долари – што е еквивалент на неколку милијарди долари денес“, изјави водителот на наддавањето Ендрју Олдриџ.
Британскиот параброд „Титанк“, кој се смета за најголемиот патнички брод на светот“, на 14-ти април 1912 година се судрил со санта мраз на неговото прво патување од англиското пристаниште Саитемптон кон Њујорк. Гордоста на британското морепловство тонело два часа и 40 минута, и притоа загинале околу 1.500 лица.
Остатоците на „Титаник“ беа откриени во септември 1985 година, на околу 350 наутички милија од брегот на канадскиот остров Њуфаунланд на длабочина од околу четири километри. Компанијата „RMS Titanic Inc“ во 1994 година е признаена како субјект кој ги откри остатоците од потонатиот „Титаник“, и поседува ексклузивно право за подигање предмети од местото на бродоломот.