Часовникот на Судниот ден никогаш поблиску до полноќ

Има уште само деведесет секунди до полноќта, што значи дека човештвото никогаш не било поблиску до планетарна катаклизма, објави во вторникот групата научници која го следи „Часовникот на Судниот ден“ кој не го одбројува времето, туку предупредува на опасноста од нуклеарни, еколошки и технолошки закани.

„Билтенот на атмските (нуклеарни) научници“, е непрофитна организација којашто од 1947 година го води овој симболичен проект, го објави на прес-конференција во Вашингтон својот нов часовник кој ја мери близината на светската катастрофа.

Стрелките на часовникот се поместени за 10 секунди и сега се на 90 секунди до полноќ, сѐ поблиску до неминовната катаклизма, којашто, како што се надеваат научниците, никогаш нема да настапи.

Во 2020 година Часовникот на Судниот ден беше поставен на 100 секунди до полноќ, што тогаш претставуваше рекорд од неговото воспоставување. Преостанатото време до нуклеарната полноќ ја симболизира тензијата во светот.

Во 2020 година, стрелките на часовникот беа поместени за 20 секунди напред и останаа на оваа граница во 2021 и 2022 година.

„Ги придвижуваме стрелките на часовникот нанапред до нуклеарната полноќ, толку блиску како што никогаш досега не биле. Сега остануваат 90 секунди до полноќ“, изјави во вторникот Рејчел Бронсон, шефица на научната групација Билтенот на атомските научници, додавајќи дека таквата одлука ја донеле поради „сѐ поголемата опасност од војната во Украина“, но „не и само поради тоа“.

На почетокот, две години по завршувањето на Втората светска војна и двете употреби на најразорното оружје – атомската бомба од страна на САД врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, стрелките на часовникот покажуваа седум минути до полноќ.

Во 2018 и 2019 година, часовникот на судниот ден беше 120 секунди пред полноќ, исто како што беше во 1953 година по тестирањата на хидрогенските бомби во Соединетите држави и Советскиот сојуз.

Најспокојниот период е одбележан во 1991 година, кога стрелките се оддалечија од нуклеарната полноќ за 17 минути. Тоа беше периодот кога САД и тогашниот СССР го потпишаа договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје (START-1), чија цел беше да го намали бројот на распоредените и резервни нуклеарни боеви глави на двете суперсили.

Билтенот на атомските научници го основал во 1945 година Алберт Ајнштајн и научниците кои со него соработувале на американскиот проект „Менхентен“ кој ја произведе првата атомска бомба на светот. Групата секоја година објавува нов часовник прилагодувајќи ги неговите стрелки во согласност со настаните во светот.