Часовникот на судниот ден се приближи како никогаш до уништувањето на човештвото

Часовникот на Судниот ден, кој симболизира колку е блиску човештвото до уништувањето, е поместен за една секунда нанапред до 89 секунди до полноќ, најблиску од кога и да е досега, објави BBC средата.

Билтенот на атомските научници (BAS), кој го поставува часовникот секоја година, наведува дека положбата на стрелките се заснова на фактори како што се нуклеарната закана, потенцијалната злоупотреба на напредокот во биологијата и вештачката интелигенција, како и климатските промени.

Даниел Холц, претседател на Комитетот за наука и безбедност на Билтенот, рече дека последната позиција на стрелките е „предупредување за сите светски лидери“.

Часовникот првично беше поставен на седум минути до полноќ во 1947 година. Минатата година остана непроменет на 90 секунди.

Во изјавата во вторникот, BAS, непрофитна организација со седиште во Чикаго, објави: „Со поставување на часовникот една секунда поблиску до полноќ, ние испраќаме јасен сигнал“.

„Бидејќи светот е веќе опасно блиску до пропаст, поместувањето дури и за една секунда треба да се земе како знак на екстремна опасност и непогрешливо предупредување дека секоја секунда доцнење во враќањето на курсот ја зголемува веројатноста за глобална катастрофа“.

BAS предупредува дека војната во Украина, која Русија продолжува да ја води, „може да се претвори во нуклеарна во секој момент поради непромислена одлука или поради несреќа или погрешна пресметка“.

„Конфликтот на Блискиот исток се заканува да излезе од контрола во поширока војна без предупредување“, се вели во соопштението.

Панелот научници, исто така, вели дека „долгорочната перспектива за напорите на светот за справување со климатските промени останува мрачна, бидејќи повеќето влади не успеваат да ги спроведат финансиските и политичките иницијативи потребни за да се запре глобалното затоплување“.

Во биолошката арена, продолжува BAS, „болестите кои се повторуваат и враќаат продолжуваат да ја загрозуваат светската економија, општество и безбедност“.

Исто така, се предупредува дека „низа други технологии кои предизвикуваат нарушување напредуваа изминатата година на начини што го прават светот поопасен“.

„Системите кои вклучуваат вештачка интелигенција во военото таргетирање се користени во Украина и на Блискиот исток, а неколку земји се движат кон интегрирање на вештачката интелигенција во нивните војски“.

Организацијата нагласува дека сиве овие опасности се „многу влошени од моќниот мултипликатор на заканите: ширењето на дезинформации, лажи вести и теории на заговор кои го деградираат екосистемот на комуникација и сè повеќе ја замаглуваат границата помеѓу вистината и лагата“.

САД, Кина и Русија, наедува BAS, „имаат колективна моќ да ја уништат цивилизацијата“, додавајќи дека трите нации „ја имаат примарна одговорност да го повлечат светот од работ“ на амбисот

На почетокот, две години по завршувањето на Втората светска војна и двете употреби на најразорното оружје – атомската бомба од страна на САД врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, стрелките на часовникот покажуваа седум минути до полноќ.

Во 2018 и 2019 година, часовникот на судниот ден беше 120 секунди пред полноќ, исто како што беше во 1953 година по тестирањата на хидрогенските бомби во Соединетите држави и Советскиот сојуз.

Во 2020 година Часовникот на Судниот ден беше поставен за 20 секунди нанапред на 100 секунди до полноќ, што тогаш претставуваше рекорд од неговото воспоставување. Преостанатото време до нуклеарната полноќ ја симболизира тензијата во светот, останаа на оваа граница во 2021 и 2022 година.

Најспокојниот период е одбележан во 1991 година, кога стрелките се оддалечија од нуклеарната полноќ за 17 минути. Тоа беше периодот кога САД и тогашниот СССР го потпишаа договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје (START-1), чија цел беше да го намали бројот на распоредените и резервни нуклеарни боеви глави на двете суперсили.

Билтенот на атомските научници го основал во 1945 година Алберт Ајнштајн и научниците кои со него соработувале на американскиот проект „Менхентен“ кој ја произведе првата атомска бомба на светот. Групата секоја година објавува нов часовник прилагодувајќи ги неговите стрелки во согласност со настаните во светот.