Сопартиецот на опозицискиот лидер Зоран Заев, Захир Бекири-Чауш на паузата од денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 направи инцидент, објави новинската агенција Мета.
Денешното судење на првообвинетиот во „Фабриката за афери“ Захир Бекири Чауш продолжи со сослушување на сведоци на обвинителството.
Тој пред судницата, со раце врзани со лисици, почнал да извикува „Алаху акбар“ (Алах е голем), а десетина припадници на ЕБР се обидувале да го задржат. Бекири упатил и неколку пцости и навреди до припадниците на полицијата, објави МЕТА.
Чауш стана познат во јавноста како организатор на Фабриката за афери на СДСМ. Важи за близок човек на Зоран Заев, а лидерот на СДСМ во повеќе наврати призна дека тој е член на СДСМ со кого имал соработка. Во јавноста се појавија и фотографии на Заев со Чауш направени во централата на СДСМ на Бихаќка.
Ќе ги дадам сите одговори, тој е член на СДСМ и тој е сликан во канцеларијата моја во која што работам. Нема бегање од таа работа, ниту некој се плаши, призна Заев на 22-ти декември минатата година при гостувањето во „Топ тема“ на Телма, за потоа на 12-ти јануари годинава при гостувањето во Канал 5 уште еднаш категорично да потврди:
Чаушот е член на СДСМ…
Бекири се товари за аферата со печатење лажни лични карти, патни исправи и други документи. Скопското обвинителство поднесе обвинение против него и неговиот брат И.Б. Бекири ќе одговара за три кривични дела, односно за изработување и за набавување оружје и средства наменети за извршување кривично дело, фалсификување исправа и за злоупотреба на лични податоци.