Тимот на Барселона во средата вечерта на парискиот „Парк на принцовите“ во дуелот со пресврти го победи тимот на Париз Сен Жермен со 3:2 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите, но тренерот на гостинскиот тим Чави смета дека ПСЖ е сѐ уште фаворит за пласман во полуфиналето.
„Многу сум горд на мојот тим. Сепак мислам дека ПСЖ е веројатно и натаму фаворит. Ова е неверојатен тим, а ние денеска успеавме да ја намалиме нивната моќ. Особено во првото полувреме притиснавме многу добро, ефективно и високо“, изјави тренерот на Барцелона Чави по натпреварот.
Реванш натпреварот се игра за шест дена во Барцелона.
Во другото четвртфинале Атлетико Мадрид на домашен терен ја победи Борусија Дортмунд со 2:1. Тимот на Диего Симеоне беше фуриозен во првото полувреме кога направи предност од 2:0 со головите на Де Пол и Лино, но Германците во 81. минута го ублажија поразот на 2:1 со голот на Сеабстијан Халер и ги задржаа шансите за пласман во полуфиналето, пред реванш натпреварот во Дортмунд.