Чекор напред во борбата за спречување нелегални финансиски текови: Склучен меморандум за соработка меѓу НБРМ и ГИЗ

Соработката меѓу Народната банка и Германското друштво за меѓународна соработка, која поблиску се воспоставува со склучениот меморандум, ќе придонесе кон натамошно јакнење на активностите за спречување перење пари и финансирање тероризам, соопштија од НБМР.

Договорено е обезбедување финансиска поддршка за постојан пристап на овластените супервизори на Народната банка до меѓународната база на податоци, што придонесува за исполнување на законските надлежности на централната банка за лиценцирање и вршење надзор.

На средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Викторија Глигорова, генералната директорка на супервизија со Давид Оберхубер, директорот на Канцеларијата на ГИЗ и Илија Бундалески, советник во Глобалната програма за спречување нелегални текови на пари, стана збор и за следните чекори за натамошно унапредување на активностите за спречување нелегални финансиски текови.
Ангеловска-Бежоска истакна дека супервизорските овластувања, налагаат примена на одредени мерки и дејства врз банки, штедилници, менувачници и даватели на услуги за брз трансфер на пари, како и други финансиски институции кои даваат платежни услуги за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Преку заемната соработка со ГИЗ, супервизорите на Народната банка ќе имаат пристап до меѓународни извори на податоци за спречување перење пари и финансирање тероризам, првенствено до списоци со меѓународни санкции и до други релевантни податоци. Притоа, со Меморандумот се овозможува зголемување на ефикасноста во примената на препораките и меѓународните стандарди коишто имаат за цел да ги спречат овие незаконски активности и штетата што тие му ја предизвикуваат на општеството, донесени од глобалното набљудувачко тело за перење пари и финансирање тероризам ‒ Работната група за финансиски активности (ФАТФ).