Челниците на 23 земји официјално побарале приклучување на БРИКС

Челниците на 23 земји официјално изразиле желба да се приклучат на БРИКС, изјави во понеделникот на брифинг со новинарите јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор чијашто земја ќе биде домаќин на самитот на организацијата од 22-ри до 24-ти август.

„Добивме официјални пројави на заинтересираност од лидерите на 23 држави за приклучување на БРИКС. И уште повеќе неофицијални прашања за можноста за членство во БРИКС“, изјавила Пандор.

Меѓу тие држави, како што посочила Пандор, се Алжир, Аргентина, Бангладеш, Бахреин, Белорусија, Боливија, Куба, Египет, Етиопија, Хондурас, Индонезија, Иран, Казахстан, Кувајт, Мароко, Нигерија, Палестина, Саудиска Арабија, Сенегал, Тајланд, Обединетите Арапски Емирати, Венецуела и Виетнам.

Шефицата на дипломатијата на Јужноафриканската Република додала дека големата заинтересираност за членство „го потврдува статусот“ на БРИКС како „водечка организација коај ги заштитува интересите на земјите од ткн Глобален Југ“.

Минатата 2022 година одделот за меѓународна соработка на БРИКС објави дека ќе се зголеми бројот на земјите члeнки со цел организацијата да стане поинклузивна. Тогаш 19 држави изразија желба и интерес да му се приклучат на економскиот блок кој сѐ повеќе добива и геополитичка важност, а меѓу нив беа најчесто споменувани Аргентина, Иран, Алжир, Тунис, Турција, Саудиска Арабија и Египет.

Во неодамнешно интервју за руските медиуми, јужноафриканскиот амбасадор во Москва, Мзувукиле Макетука изјави дека сите членки на организацијата го поздравуваат проширувањето, но истакна дека е неопходно да се утврдат модалитетите за прифаќање на новите членки, и оти за тоа прашање треба да се одлучува колективно. Преходно агенцијата Reuters повикувајќи се на неименувани дипломатски извори пишуваше дека против проширувањето на БРИКС во овој момент наводно биле Индија и Кина.

Групата, која првично беше наречена БРИК, е основана во 2006 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, пред Јужна Африка да се приклучи во 2010 година, додавајќи го С во акронимот. Групата од шест држави претставува повеќе од 43 отсто од светското население, а според некои процени според бруто домашниот производ (БДП) веќе ја надминува групата најаразвиени индустриски земји од Г7.

Во согласност со напорите за зајакнување на трговијата членките работат на интеграција на платните системи, зголемување на плаќањата во национални валути, како и воспоставување независен канал за размена на информации. Пред две години беше објавено дека државите на БРИКС се подготвени да создадат нов систем за заедничко плаќање наречен BRICS Pay, кој ќе биде сличен на постојните услуги на Apple Pay и Samsung Pay.

БРИКС до минатата година беше сфаќан како лабав и главно симболична форма на соработка меѓу економиите во развој, но последните неколку години доби многу поконкретна форма, што првично го поттикнуваше Кина, а потоа и Русија особено по нејзиното конечно разидување со Западот по почетокот на нејзината инвазија во Украина.

Во 2014 година, земјите од БРИКС ја основаа „Новата развојна банка“ (NDB) со основен капитал од 50 милијарди американски долари како алтернатива на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF). Дополнително, беше создаден механизам за ликвидност Contingent Reserve Arrangement, за поддршка на членките во случај на проблеми со плаќање.

Овие понуди се атрактивни не само за самите земји на БРИКС, туку и за многу земји во развој и нови земји кои имале болни искуства со структурното прилагодување и програмите за штедење на ММФ. Затоа што на тој начин, во време на криза, тие веќе не се исклучиво зависни од Светска банка и ММФ. Затоа, многу земји сигнализираа интерес за приклучување кон групата БРИКС.

Банката на организацијата NDB веќе се отвори за нови членови. Во 2021 година, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Уругвај и Бангладеш зедоа акционерски удели во институцијата. Сепак, тие се далеку под депозитите од десет милијарди американски долари на основачките членови.

Во моментов БРИКС ги обединува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. На почетокот на годинав претседавањето со организацијата го прими Јужноафриканската Република од Кина, ќе трае до крајот на 2023 година, а потоа ќе биде префрлено на следната држава.

Во јули, кабинетот на претседателот на Јужна Африка објави дека челниците на Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка ќе присуствуваат на самитот на БРИКС, кој ќе се одржи во живо во Јоханесбург. Русија ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавровм откако претседателот Владимир Путин одлучи да учествува во формат на видео-конференција. На почетокот од јуни јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор изјави дека нејзината земја разгледува опции доколку Владимир Путин по кој е распишана потерница од Меѓународниот кривичен суд во Хаг, се појави на самитот на БРИКС од 22-ри до 24-ти август

Хашкиот трибунал го товари Путин за наводно злосторство со наводни депортации на деца од воените области во Украина во Русија, што Москва го отфрла и возврати со распишување потерници против обвинителите на судот во Хаг. Интересно е што овој суд никогаш не е признат од Украина, како и од САД кој има и закон дека може да преземе воена акција доколку Трибуналот поведе постапка против некој американски државјанин, по што и Русија пред доста години конечно се одлучи да не ја признае неговата јурисдикција. Меѓутоа, ЈАР е еден од основачите на Трибуналот и се најде во непријатна позиција да ги изврши неговите налози или, барем, привремено да го суспендира своето членство.