Челниците на APEC ветија борба против „нечесната трговска практика“

Челниците од земјите од Азија и Пацификотво саботата се договорија дека ќе се борат „против нечесната трговска практика“ и итно повикаа на отстранувањето на „субвенциите коишто го нарушуваат пазарот“.

Заедничката изјава којашто ја донесоа 21 членка на Азиско-пацифичка економска со соработка (APEC) на нивниот годишен самите одржан во виетнамското летувалиште Дананг го покажува влијанието на американскиот претседател Доналд Трамп кој вети промени на трговските договори коишто тој ги смета неповолни за САД.

„Заедно ќе работиме на тоа трговските практики да ги направиме поцелосни и да го поддржиме подобрувањето на можностите за пристап на пазарите и ќе се бориме против нечесната трговска практика. Итно ги повикуваме сите да ги укинат субвенциите коишто го нарушуваат пазарот, како и другите типови поддршка со коишто владите и со нив поврзаните ентитети интервенираат на пазарот“, се наведува во усогласената заедничка изјава од самитот во Виетнам.

Со оваа изјава челниците потврдуваат дека е потребно да се подобрат „преговарањето, мониторингот и механизмите за решавање на споровите“ во Светската трговска организација (СТО – WTO). Минатогодишната заедничка изјава на APEC не ја содржеше критиката на сметка на WTO.

Новина во годинешната декларација претставува и тоа што челниците од регионот ја истакнуваат „важноста на билатералните, регионалните и повеќестраните договори“.

Вокабуларот со кој е составена и е прифатен заедничката изјава отстапува од сите досегашни и е одраз на политиката на „Американ на прво место“ којашто американскиот претседател Доналд Трамп ја постави во центарот на својата изборна кампања и веднаш по добивањето на претседателскиот мандат. Трамп порача дека предност им дава на билатералните трговски договори, а еден од неговите први потези кога стана претседател беше истапувањето на САД од Пацифичкиот трговски договор (TPP).

Заедничката изјава на челниците на APEC е донесена три дена подоцна од тоа како што првично беше планираното, поради спорот околу традиционалниот речник во него кој претставниците на САД сакале да го изменат.

Инаку САД со децении беа бранители на слободната трговија, во што Трамп направи пресврт. Во петокот пред челниците на APEC, Трамп жестоко ја бранеше својата политика „Америка на прво место“ порачувајќи дека Соединетите држави нема да потпишуваат „големи договори“ коишто би ги обврзувале „да се откажат од својот суверенитет“. Ги осуди „хроничните трговски злоупотреби“ кои САД повеќе не можат да ги „толерираат“ и им најави војна на мултилатералните договори со коишто „ѝ се врзуваат рацете на нејзината земја“.

Во говорот по Трамп, кинескиот претседател Кси Џинпинг се претстави како голем поборник на глобализацијата, велејќи дека глобалната трговска размена мора да биде „поотворена, поурамнотежена, непристрасна и полезна за сите“.

„Би требало да ја поддржиме слободната трговија и да практикуваме поотворени регионализам за да им овозможиме на земјите во развој да извлечат поголема полза од трговијата и меѓународните вложувања“, изјави кинескиот претседател Кси пројавувајќи ја амбицијата на Кина да стане светски предводник во заговарањето на слободната трговија.

По последниот конгрес на Комунистичката партија на Кина, на Кси Џинпинг се глед како на најмоќниот кинески челник со децении наназад, на чело на земјата чијашто моќ расте во толкава мерка што може сериозно да ја разниша американската доминација.

Форумот APEC е основан во 1989 година со седиште во Сингапур, а го сочинуваат Австралија, Брунеи, Канада, Индонезија, Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Нов Зеланд, Сингапур, Филипини, Тајланд, САД, Кина, кинескиот дистрикт Хонгконг, Мексико, Папуа Нова Гвинеја, Чиле, Перу, Русија, Виетнам и Кинески Тајпеј (Тајван).