Челниците на земјите членки на Европската унија го започнаа во четвртокот попладнето дводневниот самит, на којшто, иако не беше така планирано, ќе доминира прашањето за истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, откако претходно во средата премиерката Тереза Меј го одложи гласањето во британскиот парламент за договорената спогодба за брегзитот.
На дводневниот состанок на врвот на европските челници ќе бидт отворени низа теми, од мигрциите, реформите на еврозоната, борбата против дезинформациите до повеќегодишниот европски буџет.
Члениците на 27-те земји членки на ЕУ сакаат да го слушнат мислењето на британската премиерка Тереза Меј, па се очекува дека таа ќе дојде со повик да и’ бидат дадени дополнителни гаранции. Но во Брисел доминира мислењето дека договорот постигнат по долгите и мачни преговари е „навистина квалитетен“ и сега треба да се вложат големи политички напори за тој да биде и приведен до крајот. Доколку тоа не се случи секогаш постои шансата Велика Британија да побара продолжување на рокот, за да не дојде до ткн „тврд брегзит“ веднаш по полноќ на 29-ти март следната година.
Лидерите, исто така, ќе разговараат за предлогот за Повеќегодишната финансиска рамка за периодот од 2021 до 2027 година, која Европската комисија ја претстави на почетокот од мај. Станува збор за седумгодишниот буџет на ЕУ, документ кој во голема мера ќе биде показател како ќе изгледа Унијата во претстојниот период. Расправата на овој самит ќе биде првата во низата којашто ќе се одржува се’ додека не биде постигнат компромис, а до кој никогаш било лесно да се стаса.
Европската комисија предлоќи поголем буџет за 27-те земји членки, отколку што е сегашниот седумгодишен буџет кој вклучува 28 членки со Велика Британија, којашто е голем нето уплатувач со околу 12 до 14 милијарди евра годишно. Покрај дупката во буџетот која останва поради истапувањето на Велика Британија, се појавија и нови потреби коишто треба со многу повеќе средства да се финансираат од буџетот на ЕУ, како што се миграциите, заедничката одбрана, заштитата на надворешните граници.
Поради тоа, ЕК од една страна предложи зголемување на придонесот на државите членки во буџетот на ЕУ, а од друга страна, намалување на средствата за поедини политики како што се кохезијата и заедничката земјоделска политика, И додека побогатите членки се противат на зголемувањето на националните придонеси во заедничкиот буџет, а го поддржуваат намалувањето на средствата за кохезија, посиромашните членки имаат спротивен став: не се противат на подигнувањето на националните придонеси, но се против намалувањето на средствата за кохезија. Порадитоа во следните година-две може да се очекува жестока битка за овој предлог на долгорочниот буџет.