Лидерите на деветте медитерански членки на Европската унија повикаа на итно примирје во петокот по ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и либанското шиитско движење Хезболах.
„По прелевањето на конфликтот во Газа во поширокиот регион, ја изразуваме нашата длабока загриженост за ескалацијата на воените непријателства меѓу Израел и Хезболах“, се вели во завршната изјава на самитот MED9 одржан на Кипар.
„Бараме итен прекин на огнот на Сината линија и навремена испорака на хуманитарна помош за Либан“, рекоа лидерите, мислејќи на демаркационата линија на ОН што го дели Либан од Израел и Голанската висорамнина окупирана од Израел уште од 1867 година.
Изјавата ја усвоија лидерите на Кипар, Словенија, Португалија, Франција, Шпанија, Италија, Малта, Хрватска и Грција.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на итен прекин на огнот во Газа и Либан и на ослободување на израелските заложници кои се држат во палестинската енклава.
Нагласи дека прекинот на извозот на оружје што се користи во Газа и Либан е „единствениот начин“ да се стави крај на конфликтот, но додаде дека тоа не значи разоружување на Израел. На иницијативата се приклучија и други членови на MED9.
Шпанскиот премиер Педро Санчез го осуди нападот на Израел врз силите на Обединетите нации – UNFIL во јужен Либан, велејќи дека тоа е целосно неприфатливо.
„Зборуваме за повеќе од 40.000 жртви во Газа и уште многу во Либан. Во таа земја има повеќе од милион бегалци. Повикувам на примирје и крај на оваа спирала на насилство“, рече Шпанецот, кој исто така повика на прекин на испораката на оружје за Израел.
Шпанија, Франција и Италија најавија започнување на иницијатива за зајакнување на либанската армија за да може да претставува противтежа на Хезболах, вооружено движење кое се смета за еден вид „држава во држава“ и единствен фактор кој може позначајно да се спротистави на израелската инвазија. Либанската војска и Хезболах и покрај одредениот степен на ривалитет не се во судир, бидејќи власта во Либан по граѓанската војна во 1980-те е поделена меѓу сунитската, шиитската и христијанската заедници.
„Југот на Либан не смее да стане нова Газа“, предупреди грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
На средбата присуствуваа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и јорданскиот крал Абдула Втори, кој важи за еден од најголемите сојузници на Западот на Блискиот исток.
Учесниците на самитот го поздравија формирањето на одделот за Медитеранот во новиот состав на Европската комисија, со кој треба да раководи комесарката од Хрватска, Дубравка Шуица.
„Ова го потврдува поголемиот фокус на Европската унија на Медитеранот и важноста што и се придава на стратешката улога на нашиот регион. Подготвени сме активно да работиме на формулирање на нов пакт за Медитеранот. Стабилноста, безбедноста и благосостојбата на Европа се многу поврзани со нејзиното блиско соседство“, се вели во декларацијата од тој формат.
„Што и да се случи во Медитеранот има влијание врз цела Европа“, рече на заедничката конференција Никос Христодулидес, претседателот на поделениот остров, кој годинава одбележува 50 години од турската инвазија.