![kongres vestacka inteligencija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/09/kongres-vestacka-inteligencija.jpg?resize=681%2C383&ssl=1)
Првите луѓе на „Teslа“ Илон Маск, на „Meta“ Марк Цукерберг и на „Alphabet“ Сундар Пичаи се сретнаа со американските конгресмени на Капитол Хил во средата на форумот зад затворени врати за регулација на вештачката интелигенција.
Американските законодавци ги разгледуваат начините за ублажување на опасноста од новата технологија којашто доживеа процут на вложувањата и популарноста кај потрошувачите по лансирањето на ChatGPT на „OpenAI“.
„Важно ни е да имаме судија“, им рече Маск на новинарите, додавајќи дека регулаторот е потребен „за да се осигури дека компаниите преземаат дејствија кои се безбедни и во општ интерес на јавноста“.
Сенаторот од сојузната држава Њу Џерси, Кори Букер, ја пофали дискусијата истакнувајќи дека сите учесници се согласиле дека „владата има регулаторна улога“, но дека изработката на законот ќе претставува предизвик.
Законодавците сакаат заштитни мерки против потенцијално опасните „дипфејк“ видеозаписи, вмешување во американските избори и напади врз критичната инфраструктура.
„Денеска започнуваме огромен, сложен и животоважен потфат: градење на темелите за натпартиска политика на вештачката интелигенција која Конгресот може да ја усвои. Конгресот мора да игра улога, бидејќи без Конгресот нема да ја максимизираме благосостојбата од вештачката интелигенција, ниту да ги минимизираме ризиците“, изјави во воведното обраќање шефот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.
На состанокот, меѓу другите, присуствуваа и челникот на „Nvidiа“ Јенсен Хуганг, шефот на „Mocrisoft“ Сатја Нандела, на IBM Арвинд Кришна, основачот и поранешен шеф на „Microsoft“ Бил Гејтс и други.
Шумер, кој со Маск за вештачката интелигенција разговараше во април, изјави дека учесници ќе разговараат „за тоа зошто Конгресот мора да дејствува, кои прашања да ги постави и како да изгради консензус за безбедна иновација“.
Маск и другите челници на технолошките компании, како и стручњаците за вештачката интелигенција во март повикаа на шестмесечен мораториум во развојот на системите на вештачката интелигенција понапредни од GPT-4 на „OpenAI“ поради потенцијалните ризици за општеството.