Челниците на земјите во ЕУ го поздравија договорот за миграција, Орбан жестоко се спротивстави

Повеќето челници, во прв ред, на земјите членки на Европската унија го поздравија договорот од средата за новите правила за миграција и азил, додека унгарскиот премиер жестоко го отфрли новиот договор, а невладините организации велат дека тој ќе предизвика повеќе смртни случаи на отворено море.

По неколку години неуспешни обиди, Европската унија во средата ги договори новите правила кои треба да воведат поголем ред во управувањето со миграцијата и азилот, еден од горливите проблеми што трае од 2015 година.

Според договорот на двете законодавни институции, Советот на ЕУ и Европскиот парламент, земјите на првиот влез на мигрантите на територијата на ЕУ ќе спроведат построга процедура за азил на надворешните граници на Унијата и ќе имаат повеќе овластувања за враќање на барателите на азил кои имаат мали шанси да добијат меѓународна заштита.

Привремениот политички договор допрва треба да биде формално потврден и од Советот и од Парламентот, а се очекува тоа да се случи во април.

Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц го поздрави договорот за реформата за азил постигнат од Европската унија и рече дека тоа ќе доведе до олеснување за одредени земји.

„Ова ќе ја ограничи нерегуларната миграција и ќе го олесни товарот на земјите особено погодени, вклучително и Германија“, напиша социјалдемократскиот политичар на социјалната платформа Х во средата.

Договорот претставува „многу важна одлука“; додава Шолц.

И покрај критиките од организациите за правата на бегалците, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, исто така, рече дека е многу задоволна.

„Ако сакаме да ги зачуваме отворените граници во Европа, мора да ги заштитиме надворешните граници и да спроведеме процедури кои функционираат“, рече Фезер, според соопштението на нејзиното министерство.

Италија

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси рече дека договорот ќе ѝ овозможи на Италија да се чувствува „помалку осамена“.

Договорот претставува „урамнотежено решение кое повеќе не дозволува земјите на границите на ЕУ, особено оние кои се изложени на миграциски притисок, да се чувствуваат сами“.

„Прифаќањето на овој договор е голем успех за Европа и за Италија, која сега ќе може да смета на новите правила за управување со миграцискиот притисок и борбата против трговците со луѓе“, нагласи Пјантедоси.

Италија е на линијата на фронтот за мигрантите кога доаѓаат од Северна Африка преку Медитеранот во Европа, а Рим долго време вели дека ЕУ не прави доволно за да ѝ помогне на земјата.

Шпанија

Шпанскиот премиер Педро Санчез во средата изјави дека договорот е клучен за неговата земја.

Во говорот пред парламентот во Мадрид, Санчез рече дека верува оти тоа е „клучен договор за Шпанија (…) кој ќе ни овозможи да направиме нешто многу важно: да го подобриме управувањето со нашите граници (и) да управуваме со миграциските текови на похуман и координиран начин“.

Шпанија е една од главните влезни точки за мигрантите во Европа, иако оваа земја често е само попатна станица за овие мигранти од Африка, кои потоа заминуваат во другите земји на ЕУ, особено во Франција.

Грција

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го изрази своето задоволство од договорот, велејќи дека тоа е „важен одговор“ на грчките напори.

Договорот претставува „важен европски одговор на големите национални напори насочени кон донесување строга, но праведна миграциска политика“, рече тој на состанокот на владата во Атина.

Грција е уште една земја на линијата на фронтот за мигрантите.

Од почетокот на годината, во Грција пристигнале околу 44.900 лица кои бараат азил во Европската унија, најмногу на островите во Егејското Море во близина на турскиот брег, што е најголем број во последните четири години, покажуваат податоците на Обединетите нации.

Обединетите нации

ОН го оценија договорот како „позитивна фаза“, рече шефот на УНХЦР Филипо Гранди.

„Им честитам на ЕУ и на Европската комисија за постигнувањето политички договор за Европскиот пакт за миграција и азил (…). Ова е многу позитивен чекор. Сега да продолжиме со неговата имплементација! УНХЦР е подготвен да советува и обезбеди поддршка“, напиша Гранди на Х.

Унгарија

Унгарија „остро го отфрла“ договорот, одбивајќи да учествува во задолжителниот механизам за солидарност.

„Силно го отфрламе пактот за миграција“, изјави за новинарите министерот за надворешни работи Петер Сијарто. „Нема да пуштиме никого против нашата волја“.

НВО

Договорот постигнат од 27-те земји-членки на Европската унија за ремонт на европскиот систем за миграција и азил „ќе предизвика повеќе смртни случаи на море“, осудија во средата група невладини организации.

„Ниту еден живот нема да биде спасен со денешната одлука (…). Овој договор е историски неуспех и признание на европските десничарски партии“, рекоа петнаесет невладини организации за спасување на морето, вклучувајќи ги Sea-Watch и SOS Humanity, во заедничка изјава.