Челзи планира да инвестира 100 милиони фунти за да го привлече Филипе Кутињо од Барселона следното лето, информираат британските медиуми.
Лондончани ќе го преземат овој чекор ако ја продадат својата голема ѕвезда Еден Азар, како што сите очекуваат. Белгискиот фудбалер е поврзан со трансфер во Реал Мадрид.
Азар одбива да го продолжи договорот со Челзи во оваа фаза. Неговиот договор истекува во летото 2020 година.
Се верува дека Челзи го смета Кутињо за замена на Азар.
Бразилецот беше еден од водечките играчи на Ливерпул пред да замине во Барселона минатата зима за сума од 140 милиони евра.
Од своја страна, Барселона ќе може да го врати Нејмар од ПСЖ ако го продаде Кутињо. Каталонците се подготвени да го земат 26-годишниот фудбалер назад на „Камп Ноу“, а тоа би било многу поверојатно да се случи ако Барселона има финансиски можности.