Во последниот натпревар од 10-то коло од англиското фудбалско првенство Ливерпул на домашен терен на „Енфилд“ го совлада актуелниот првак Манчестер Сити со 1:0.
Во тврдиот и сиромашниот натпревар во текот на кој Сити имаше јалова надмоќ а Ливерпул се ограничи на противнапади, победникот го реши Мохамед Салах во 76 минута. По исфрлувањето на Алисон, Кансело ја промаши топката, па Салах сам излезе пред Едерсон и рутински го совлада.
Со оваа победа Ливерпул скокна на осмото место на табелата со 13 бодови, додека Манчестер Сити остана на втората позиција со 23 бодови.
Претходно во неделата Челзи продолжи со победничката серија под водство на новиот менаџер Греам Потер и како гостин ја совлада Астон Вила со 2:0.
Стрелец на двата погодока беше Мејсон Маунт, во 6 минута ја искористи големата грешка на домашниот стопер Мингс, а во 65 минута од слободен удар по вторпат го совлада Мартенез.
Ова е петтата последователна победа на Челзи во сите натпреварувања, а сега со 19 бодови дојде на четвртата позиција. Астон Вила, пак, со осум бодови е 17-ти.
Арсенал го задржа врвот на табелата со минималната победа од 1:0 на гостувањето кај Лидс Јунајтед. Победничкиот погодок го постигна во 35 минута Бакајо Сака. Домашните најголемата шанса ја имаа во 63 минута, но Бамфорд тогаш промаши пенал.
Инаку овој натпревар беше прекинат во втората минута поради прекин на струја на стадионот, а беше продолжен по 40 минути.
Арсенал сега има 27 бодови, четири повеќе од вториот Манчестер Сити, а Лидс Јунајтед остана на девет бодови и на 15-то место.
Саутемптон и Вест Хем ги поделија бодовите со резултат 1:1. Домашните поведоа преку Ромен Перод во 20 минута, а гостите израмнија преку Диклејн Рајс во 64 минута.
Вест Хем моментално е на 12-то место со 11 бодови, бод повеќе од Кристал Палас кој има и меч помалку. Саутемптон остана во зоната на испаѓање, 18-ти е со осум бодови.
Манчестер Јунајтед и Њукасл одиграа на „Олд Трафорд“ без голови и ги задржаа истите позиции на табелата. „Црвените ѓаволи“ се петти со 16 бодови, а Њукасл со под помалку е место подолу.